Добивај вести на Viber
Експерименталниот лек за ебола ЗМапп, за кој се верува дека ги спаси животите на американските државјани инфицирани од вирусот на ебола, ќе им биде доставен на заболените во Либерија. Американскиот претседател Барак Обама и Агенцијата за храна и лекови го прифатиле барањето на либериските власти во земјата да бидат испратени неколку дози од овој лек за со него да се третираат заболени либериски лекари.
Во соопштението објавено на официјалниот сајт на претседателството на Либерија, се наведува дека експерименталниот лек ќе биде доставен во текот на неделата од претставници на американската Влада.
Постоењето на овој лек, кој досега е тестиран само на мајмуни, се чуваше во тајност се до заболувањето на американскиот лекар и медицинска сестра од опасната болест. За нив беа испратени три дози од лекот, со кој нивната состојба значително се подобри по што тие беа префрлени во САД.
Официјално, за еболата нема ниту регистриран лек, ниту вакцина. Производителот на ЗМапп, Мапп Биофармацеутикал вели дека со ова сите залихи од лекот се веќе исцрпени. Компанијата работи со американската Влада на производство на нови количества и за побрза регистрација на препаратот.
Засега, капацитетите за производство на лекот на оваа компанија се ограничени, бидејќи се уше биле фокусирани на тестирања врз животни, а тестирањето на луѓе се предвидувало да почне следната година.
Бројот на починати од најтешката епидемија на ебола досега достигна 1.013 лица, откако за три дена во три западноафрикански држави починаа уште 52 лица, соопшти синоќа Светската здравствена организација (СЗО).