12 Декември, 2024
0.0327

ЕМИНЕНТНИОТ ОРТОПЕДСКИ ХИРУРГ Е ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМОРАТА НА ВЕШТАЦИ: Интервју со проф. д-р Виктор Камнар

Објавено во: Интервјуа 03 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Во македонското здравство, името на проф. д-р Виктор Камнар е добро познато. Како врвен ортопедски хирург со долгогодишно искуство на Универзитетската клиника за ортопедија, тој пред речиси две години одлучи да ја продолжи својата кариера во приватната здравствена установа Аџибадем Систина. Од неодамна, пак, професорот презема нова, исклучително значајна улога – претседател на Комората на вештаци, тело кое претставува значителна додадена вредност за ефикасноста и квалитетот на правосудниот систем на земјата.

Во интервјуто што следува, д-р Камнар открива како оваа функција може да внесе промени во функционирањето на судските постапки и говори за своите мотиви и визија за иднината на Комората. Дополнително, тој се осврнува на предизвиците и можностите кои го поттикнале на преминот од јавниот во приватниот здравствен сектор.

Што претставува формирањето на Комората на вештаци за правниот систем во земјата, и кои се вашите главни цели како нејзин претседател за подобрување на вештачењата и заштита на интересите на вештаците?

Проф. д-р: Камнар Комората на вештаци е  здружение на професионални кадри обучени да изработуваат вешти наоди од сите области за потребите на судските постапки. Формирана е по пауза од осум години што е значаен исчекор напред, бидејќи во изминатиот период правниот систем беше лишен од експертизата на бројни стручни кадри кои без Комора не можеа да стекнат лиценци. Со тоа, за жал, и вештаците се соочуваа со проблеми  при заштитата на своите интереси, особено во делот на издавањето на лиценците, продолжувањето на нивната важност и можноста засопствена стручна надградба преку континуирани обуки и усовршувања. Доколку немаме квалитетни и навремени вешти наоди, многу судски постапки ќе се оддолговлекуваат и ќе бидат лишени од квалитетна експертиза. Вештаците претставуваат еден од носечките столбови врз кој се потпираат судските пресуди и одлуките на органите на државната управа. Нашата основна цел и визија е да ги унапредиме, пред сè квалитативно вештите судски наоди  за да го зголемиме квалитетот на сите судски и управни постапки што се во тек и што следат понатаму. Недвосмислено и неселективно ќе работиме согласно со тоа што го предвидел законодавецот, односно ќе се држиме до Законот за вештачење и Статутот на Комората на вештаци, како и одредбите на дисциплинската постапка која секогаш ќе биде испочитувана во смисла на тоа дека ќе биде санкциониран секој  престап кој како таков ќе биде документиран, вели проф. д-р Камнар, во денешното интервју. Тој нагласува: во минатото, делегирањето на ингеренциите од страна на Министерството за правда и Владата врз Комората на вештаци беше ускратено со самото нејзино непостоење, заради што во овој дел сакам лично, но и од името на фелета да се заблагодарам на министерот за правда Игор Филков и на Владата во поглед на прогресивниот пристап кон формирањето на новата Комора на вештаци. 

Какви активности се планирани за лиценцирање на нови вештаци и релиценцирање на постојните, и како ќе се осигура квалитетот на работата на вештаците преку новоформираните професионални одделенија?

Проф. д-р: Камнар: Нашата амбиција и цел е веќе на почетокот на 2025 година, не подоцна од март – април да ги издадеме првите лиценци за новите вештаци, а тековно да работиме на релиценцирање на сите оние професионални кадри коишто работат на вештачења во сите области. Вкупно се формирани 16 професионални одделенија, со нивни раководители и заменици, формирани се и сите неопходни органи на Комората, а ние од денот на нашата регистрација во Централниот регистер сериозно се зафативме со работа. Така, Управниот одбор веќе почна со изработка на актите чие донесување е во негова надлежност, остваруваме тесна соработка со Министерството за правда, наскоро ќе склучиме меморандуми за соработка со дел од останатите комори во земјата, а најважно од се е што започнавме со возобновување на регистерот на вештаци за да се преброиме кои сме и колку сме и тоа наскоро да и го ставиме на увид на јавноста, појаснува проф. д-р Камнар.

Што беше пресудно по 20-тина години да заминете од Клиниката за ортопедија и можете ли да кажете кои се разликите меѓу државното и приватното здравство во однос на квалитетот на услугите?

Проф. д-р: Камнар: Како доктор кој повеќе од две децении работел во државното здравство, од оваа преспектива можам да кажам декја приватното здравство има многу поефикасни начини за имплементација на трудови во медицината, а тоа нуди висок квалитет на услуги за пациентите. Од друга страна, државното здравство во кое јас сум се создал како кадар било и ќе остане главна потпора за пациентите (осигурениците). Затоа ги поздравувам реформите во јавното здравство и сметам дека не смее да постои разлика во квалитетот на третман на пациентите меѓу државните и приватните болници.

Би сакал во оваа прилика, да го го изразам моето лично мислење дека за подобрување на статусот на пациентите, особено е важно да се развие модел на јавно-приватно партнерство кое ќе овозможи повеќе здравствени услуги да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување и да се користат како во државните, така и во приватните здравствени институции. Во светот познати се вакви успешни модели, застапени се и во нашето соседство.

Избор на граѓаните е каде ќе се лекуваат бидејќи и државното и приватното здравство е јавно, па секој пациент може да се лекува подеднакво. 

Ќе ни откриете ли на кои проекти и идни планови моментално работите во Аџибадем Систина, дали станува збор за иновативни хируршки методи кои во голема мера придонесуваат за унапредување на услугите за пациентите?

Проф. д-р: Камнар: Во Аџибадем Систина имам неверојатна поддршка од секој аспект, како во делот на најсовремена апаратура, технологии во медицината, така и од аспект на експертизата на нашите колеги од Западна Европа и од Турција со кои соработуваме. Во тек сме и активно работиме во подигнување и воведување на оперативни техники во делот на педијатриската ортопедска хирургија. Станува збор за иновативни хируршки методи кои се користат секојдневно во светот, што особено ме радува бидејќи во чекор сме со најновото во медицината, а најголемиот бенефит го имаат пациентите. 

Може ли да ни издвоите дел од вашите успешни приказни, дали на нешто посебно се гордеете?

Проф. д-р: Камнар: Секако дека сум и горд и среќен од позитивните ефекти од изведените интервенции, ме прави особено емотивен кога ќе слушнам дека моја пациентка која не можела да оди, не можела да се движи и била во постојани болки, по завршеното лекување се пријавува на Скопскиот маратон и го истрчува. Тоа е моментот кога заборавам на сите вложувања, жртви, напори, и кога знаењето и посветеноста добиваат вистинска вредност. Нема поголемо задоволство за мене како лекар од тоа да видам како луѓето ја враќаат својата мобилност и се враќаат на нормален живот. Таквите резултати се мотив за мене и мојот тим да продолжиме да работиме уште попосветено, користејќи ги најновите медицински техники и пристапи. Горди сме што сме дел од нивните животни приказни и што придонесуваме за нивната трансформација.

Анита Буховски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ СТЕВКОВА-ШТЕРИЕВА: Банките и натаму остануваат прв избор на граѓаните, во Комерцијална банка се чуваат 1,66 милијарди евра на населението

ИНТЕРВЈУ СТЕВКОВА-ШТЕРИЕВА: Банките и натаму остануваат прв избор на граѓаните, во Комерцијална банка се чуваат 1,66 милијарди евра на населението