ЕСМ Продажба „ја пие крвта“ на универзитетската Клиника за хематологија! И наплати струја по цена 20 отсто повисока од таа на берзата
Објавено во: Економија 15 Ноември, 2024
Апсурдот од либерализацијата на пазарот за снабдувањето со струја на непрофитни јавни и државни установи меѓу кои се болниците и клиниките веќе станува неподнослив. Најнов случај е Клиниката за хематологија која не е профитно ориентирана организација и целосно се финансира од државниот буџет. Оваа клиника ќе плаќа струја 20 отсто поскапо од цената на берзата за струја! Распишале тендер на кој добиле само една понуда, а и таа е од државнат фирма за снабдување со струја ЕСМ Продажба
Државната Клиника за хематологија од Скопје е најновата, но не и последна жртва, на промашената либерализација на пазарот за снабдување со електрична енергија. Имено оваа клиника и покрај тоа што е непрофитна организација односно здравствена врвна установа која треба да се грижи за здравјето на граѓаните е донесена во ситуација да плаќа струја по цена што е за 20 отсто повисока од берзанската цена на електричната енергија.
За што станува збор?
Универзитетската клиника за хематологија, согласно со законските обврски, распишала тендер за набавка на струја. На тендерот се јавила само една компанија за снабдување со струја и таа е државна. Станува збор за фирмата ќерка на ЕСМ која се вика ЕСМ Продажба. Дала една понуда со 20 отсто трговска маржа.
Народски кажано цената што ќе ја плака Клиниката за хематологија за секој потрошен мегаватчас струја ќе биде за 20 отсто повисока од цената по која истиот тој мегават струја се продава на берзата ХУПЕКС во Унгарија.
Дополнително на ова веќе станува проблем и тоа што на сите тендери како образец се користи тоа што унгарската берза е ценовно референтна и покрај тоа што од мај лани Македонија има сопствена берза за тргување со електрична енергија која успешно расте и се развива.
Само за споредба истата државна компанија ЕСМ Продажба речиси едновремено добива тендер за снабдување со струја на Општата болница во Охрид со провизија од 9 отсто на пазарната цена на струјата.
Односно за истата струја набавена од истиот снабдувач за истиот ден охридската болница ќе плати провизија 9 отсто поскапо од берзанската цена, а државната универзитетска Клиника за хематологија ќе плати 20 отсто поскапо од цената на берзата ХУПЕКС.
ЕСМ Продажба од Клиниката за хематологија ќе наплати трговска маржа од 8.130 евра, а од Општата болница во Охрид ќе наплати провизија во вредност од 28.340 евра.
И двата договори за двете болници се за период од една година. И за двете болници парите ги обезбедуваат граѓаните преку полнење на државниот буџет.
Останува без одговор прашањето до кога непрофитните државни установи меѓу кои се болниците, училиштата, комуналните и водоводните претпријатија ќе плаќаат струја по цени кои се поскапи од тие на берзите за струја?
Р.Ф.