29 Септември, 2024
0.0260

ЕУ и САД ги менуваат трговските односи во светот

Објавено во: Анализа 15 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Преговарачите од Европската унија (ЕУ) и САД отворија нов круг разговори за најзначајниот договор за слободна трговија, што се очекува фундаментално да ги измени трговските односи во целиот свет. Брисел и Вашингтон ги договараат параметрите на масивниот пакт за слободна трговија, познат како трансатлантско комерцијално и инвестициско партнерство (Transatlantic trade and investment partnership - TTIP) во текот на година. Договорот се очекува да ја создаде најголемата зона за слободна трговија во светот, целта е стимулирање на растот и работните места. Според зборовите на висок функционер од ЕУ, која бара анонимност, Европа се надева преговорите да завршат во почетокот на 2016 година, или неколку месеци пред претседателските избори во САД во ноември истата година. "Ако е можно да се склучи амбициозниот и балансиран договор со сегашната администрација на САД, би било добро", изјави официјалното лице пред почетокот на шестиот круг преговори, кој ќе трае до 18 јули. "Распоредот не е официјален, но секако има желба да се продолжи со интензивната работа", додава истиот извор. Спогодбата меѓутоа се соочува со противници од двете страни на Атлантикот, кои се плашат дека слична зделка може да доведе до занемарување на одредбите за заштита на потрошувачите. Стравувањата доаѓаат покрај повторените уверување од преговарачите дека не би имало компромитирачки моменти кои би ги загрозиле општоприфатените стандарди. Парламентарците од ЕУ, кои ќе треба да ја одобрат евентуалната зделка, исто така се пожалија дека преговорите не се водат доволно транспарентно. Двете страни ќе мора да ги надминат, исто така значителните разлики во нивните законски одредби во некои области, како што е земјоделството. "Сé уште има да се изоди долг пат", истакна италијанскиот министер за земјоделство Маурисио Мартина, чија земја моментно претседава со ЕУ. "Верувам дека ќе има можност и од двете страни да се дојде до разбирање", додаде тој. Во мај досегашните заеднички разговори беа опишани како "предизвик" од американскиот преговарач Дан Млани. Тој предвиде дека ќе се бара "многу креативност и многу упорност". Седмиот круг од преговорите се очекува да биде закажан за септември, соопшти официјален претставник на ЕУ. К.К.