29 Септември, 2024
0.0235

ЕУ нема место за мигрантите – ќе ги враќа дома

Објавено во: Анализа, Свет 26 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Илегалните мигранти да бидат приведени во посебни центри, а оние за кои е можно побрзо да бидат вратени во нивните матични земји. За аков план разговараат лидерите на земјите од Европската унија (ЕУ), објави интернет изданието euobserver.com. Предлогот е дел од пошироките разговори за справувањето со зголемениот миграциски бран, безбедноста и работните места. Планот е во пограничните области да се градат посебни центри во кои мигрантите ќе бидат сместени, додека се утврди дали имаат потреба од меѓународна заштита, или не. Во извештајот е запишано уште дека Европската комисија (ЕК) може да излезе со конкретен план за правната, финансиската и оперативната потреба на овие центри во следниот месец. Анонимен извор од ЕУ истакнува дека земјите од ЕУ инсистираат илегалните мигранти да бидат вратени во "најбезбедните земји на потекло". Агенцијата за гранична контрола на ЕУ - Frontex, треба да биде засилен и да ја концентрира својата енергија на политиките за враќање и повторен прием, нагласува весникот. Лидерите на ЕУ сакаат да ги прошират овластувањата на Frontex, за да може Агенцијата да го враќа секој кој не се квалификува за меѓународна заштита. Во моментов агенцијата може да организира летови со кои треба да ги враќа мигрантите во нивните земји на потекло само ако во операцијата учествуваат најмалку две земји членки на заедницата. Буџетот на Агенцијата за оваа година беше зголемен на 26 милиони евра, главно поради операциите нејзини во регионот на Медитеранот. Предвидено е тој да биде дополнително зголемен, а дополнителни 45 милиони евра ќе бидат издвоени посебно за бегалскиот бран во Средоземното Море. Лидерите на ЕУ сакаат да ја зајакнат и соработката со земјите на потекло и транзит, за да престанат миграциските текови и да се справат со шверцерите. Прашањата ќе бидат разгледани со африканските нации за време на претстојната конференција во Малта. Во Будимпешта пак се планира да биде организирана конференција за справување со миграциските текови од Западен Балкан. Лидерите на ЕУ на Советот ќе разговараат исто така и за преместувањето на 40 илјади лица од Сирија и Еритреја, но предлогот за раселенување на принцип на квоти веројатно нема да биде прифатен. Обработка: К.К. Извор: euobserver