28 Септември, 2024
0.0255

ЕУ се дистанцира, Груевски и Заев ќе мора сами да најдат чаре за Македонија!

Објавено во: Анализа 06 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

ЕУ  ќе се воздржи од превземање на било какви  чекори  во однос на  политичката состојба во Македонија.   Брисел  овој пат  инсистира  премиерот  Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев да направат максимални напори  преку дијалог да  постигнат договор  за нормално функционирање на Парламентот и институциите.  Меѓународната заедница со внимателност ја следи ситуацијта во Македонија по одлуката на судот за случајот „Монструм “  и се надева дека разумот ќе надвладее  и нема да бидат ставени под знак прашање меѓуетничките односи,   брифираат дипломатски извори во Скопје .
„Се надевам дека за доброто на иднината на вашата земја  двајцата лидери  ќе отстапат од своите ставови и дека  наскоро ќе видиме деблокада на политичкиот дијалог, во спортивно постои  опасност  ваквата ситуација да се одрази  врз македонските евроатланските аспирации. Колку што мене ми е познато  дипломатите во Македонија  немаат намера  да посредуваат во надминување на проблемите кои настанаа  по изборите  како што тоа беше случај со инцидентот во Собранието од 24 декември . Се надевам дека тензиите кои настанаа по  одлуката  на судот за  случајот „Монструм“   ќе стивнат, затоа што  тие никому нему носат добро“,  брифира за Фактор амбасадор на една од највлијателните земји членки на ЕУ.
Независно  од најавата  за  нова рунда  преговрои за името  и  можна  посета на посредникот Метју Нимиц на Скопје и Атина, дипломатот за Фактор е дециден .
„На септемврискиот  НАТО самит проширување не е на дневен ред и тоа добро го знае и вашиот министер за надворешни работи Никола Поповски.  Но доколку  има одредено  поконкретено приближување на  позициите во наредните два месец  Македонија  би можела да се надева на членство во Алијансата.  Она што досега го гледам не  ми влева  надеж дека  засегнатите страни во разговорите се  решени  да постигнат  компромис“, - вели странскиот дипломат .
Брисел засега смета дека нема  услови за продолжување на  дијалогот на Високо ниво меѓу Македонија и ЕУ,  велат дипломатски извори.  Петар Стано , портпаролот на Комесарот  за проширување на ЕУ во изјава за Фактор оценува  дека Пристапниот дијалог на високо ниво се покажал многу корисен во идентификувањето на приоритетите и поттикнувањето  на реформите поврзани со ЕУ.
„Дијалогот ќе   може да продолжи во оној момент кога за тоа ќе бидат создадени потребните   услови . Но пред Македонија се и други предизвици  кои исто така, треба да бидат ставени на приоритетната  листа  на обврски, како што се слободата на медиумите , недостатокот на доволно одвоеност на државата од партијата и подобрување на политичкиот дијалог  преку кои би требало да се надминат  несогласувањата меѓу власта и опозицијата. Европската комсиијата  очекува  многу скоро да види вистински резултати во овие области“,  вели Стано.
Гласноговорникот на Еврокомесарот за проширување на ЕУ  не сака  во оваа фаза да прејудицира како ќе изгледа есенскиот извештај  за напредокот на Македoнија кој ќе биде објавен  во Октомври.  Според Стано, Штефан Филе  во моментов  не планира во скоро време да ја посети Македонија. Горазд Чомовски