28 Септември, 2024
0.1560

ЕУФОРИЈА: Се заработува и на сликички за Светското фудбалско првенство!

Објавено во: Анализа 18 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Вистинска потрага за сликички од фудбалери за албумите за Светското првенство во Бразил кое почнува на 12-ти следниот месец. Светското фудбалско првенство ги активираше колекционерите на сликички - деца, родители, страсни љубители на фудбалот ги полнат спортските албуми. Многумина од оваа страст кон фудбалот направија вистински бизнис. „Скапото“ задоволство да се собере албумот со 635 слики на најдобрите светски репрезентации и фудбалери теоретски би чинело околу 50 евра. Но, имајќи предвид дека во пакетчињата со по пет слики кои чинат 25 денари, најчесто се паѓаат дупликати, еден албум чини многу повеќе. Петтооделенецот Марко Вељановски, активно ги собира сликичките за Светскиот  мундијал 2014-та. Заедно со неговиот татко  Дејан, секој викенд се во Градскиот парк, на Школка или на Фонтана. Таму е, велат, вистински митинг. Се менуваат дупликати, па дури една сликичка може да ви донесе неколку нови, а оние на кои им недостасува мал број се спремни да платат  и убава цена за да стигнат до потребната фотографија. Родители, деца, дедовци па дури и мајки и баби, вљубеници во најпознатата и најважна споредна работа во светот - фудбалот, се борат за сликичка плус.
“За нив  владее вистинска потрага  во градов. Децата од училиште и од нашата зграда зборуваат само за тоа. Секој ден веднаш по големиот одмор одиме во трафика за да купиме сликички. Па наместо за доручек, парите често ги давам за сликички. За жал, има многу дупликати. Со татко ми ќе одиме во парк и кај чичко Стоилко да менуваме сликички од Светско. Ги има и на социјалните мрежи и на пазар 3. Ми останаа уште десетина. Сега е најтешко”, вели ученикот Марко Вељановски.
И овој викенд  ќе се впуштат во акција. Да ги најдат останатите сликички кои недостасуваат во албумот. Најбарани и најретки се  групните на репрезентациите, стадионите, амблемите, сребрените сликички. Сликичките и во Македонија чинат исто како во Германија? Ова колекционерско спортско задоволство во семејството Вељановски е вистинска традиција. Таткото Дејан се сеќава дека и тој како дете,  на секои четири години ги собирал  сликичките на светските репрезентации пред Светското првенство во фудбал.
“Собирањето на сликички за светско е вистинска зараза. Ова е светски тренд. Но парадоксално е што токму деновиве од Германија дојдоа наши пријатели кои исто така го собираат албумот. Таму 4 пакетчиња со сликички чинат 2 евра, а за нив добивате и едно пакетче гратис. Кај нас едно пакетче со 5 слики е 25 денари, а пет би ве чинеле 125  денари или околу 2 евра. Иста сума како да сте во Германија, но со македонски стандард и плати. Да не зборуваме за квалитетот на албумите. Бидејќи навистина со мојот син го сакаме фудбалот внимаваме од премногу вртење на страниците да не го уништиме, имајќи предвид  дека не е толку издржлива хартијата. Но страста и љубовта кон спортот ги оправдува средствата, нели?” , вели таткото Дејан Вељановски.
Собирањето на сликички, покрај што ќе го исцеди домашниот буџет, има и позитивна страна, бидејќи  нуди информации повеќе за светски познатите фудбалери, херои на зелениот терен за најмладите обожаватели. Па така покрај задоволството, има и едукативна страна која на најмладите фанови ќе им овозможи да научат нешто повеќе за фудбалот како спортска дисциплина, за најголемите стадиони и фудбалски клубови. Задоволството да се собере целиот албум многумина ќе ги чини мало богатство. Бразил во фудбалска треска Многу за домашниот џеб, но ништо во споредба со трошоците за организацијата на најголемото светско фудбалско натпреварување - “Мундијалот 2014”  кое домаќинот Бразил го чини околу 15 милијарди долари вложени во инфраструктура и нови стадиони. Директно или индиректно, се очекува во земјата да се вратат 48 милијарди долари, но и да се отворат повеќе од 3 милиони привремени работни места. Самата организацијата на Светското првенство  носи реализација на големи инфраструктурни проекти, но и зголемена потрошувачка, кои претставуваат мултипликаторни фактори за бразилската економија. Најголеми позитивни резултати се очекува да  остварат градежништвото, прехранбената индустрија, бизнис – услугите, секторот електрична енергија, гас и вода, информациските услуги и туризмот. Земјата во која владее вистинска фудбалска треска,  и деновиве се соочува со демонстрации, бидејќи наместо да ги решава проблемите со сиромаштијата троши милијарди долари за Светското фудбалско првенство. Б.С.