19 Декември, 2025
0.0462

ЕВРО ДА, АМА СО РЕФЕРЕНДУМ: Радев за воведување евро во Бугарија

Објавено во: Балкан 11 Јуни, 2025 09:44

Добивај вести на Viber

Немањето општествен консензус во Бугарија не е поврзано со европскиот пат на земјата, туку со прашањето дали земјата е подготвена да го воведе еврото во 2026 година, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за Си-ен-ен.

Во разговор со новинарот Ричард Квест, по учеството на Меѓународниот инвестициски форум во Ташкент, Радев истакна дека воведувањето на еврото на среден и долг рок би донело економски придобивки, но нагласи дека недостигот од општествена согласност го доведува во прашање овој процес, пренесува БТА.

- Можеби сум старомоден, но силно верувам во демократијата, рече Радев, одговарајќи на прашање дали сè уште поддржува референдум за воведување на еврото во 2026 година. Тој потенцира дека референдумот е неопходен за да се провери подготвеноста на Бугарија за влез во еврозоната, додавајќи дека без демократски процес „целата социјална конструкција е осудена на пропаст“. Според него, референдумот би го зајакнал легитимитетот на процесот и довербата во институциите, особено по седумте парламентарни избори во последните четири години, кои резултираа со пад на довербата во државните институции.

На прашањето дали инсистирањето на премиерот за брзо присоединување кон еврозоната, наспроти неговото барање за референдум, би можело да предизвика уставна криза, Радев одговори дека таква криза не е можна. Сепак, тој предупреди дека ваквиот пристап би можел да го наруши општествениот договор меѓу владата и граѓаните и да ја намали довербата во институциите.

Радев истакна дека позитивните извештаи од Европската комисија и Европската централна банка за Бугарија се резултат на долгогодишна конзервативна фискална политика и жртви на граѓаните. Тој додаде дека динамичните промени во Европската Унија, вклучително и Брегзит, покажуваат дека референдумите остануваат релевантни, посочувајќи дека 18 од 27 земји-членки на ЕУ одржале референдуми за нивното членство.

Коментирајќи ги санкциите на ЕУ против Русија поради војната во Украина, Радев рече дека тие главно и одат на рака на Кина, која профитира од евтини руски енергенси, воени технологии и пристап до рускиот пазар. Тој изрази загриженост дека санкциите ја зајакнуваат врската меѓу Русија и Кина, додека европските компании го губат пазарот во Русија.

За војната во Украина, Радев истакна дека меѓународната заедница се соочува со тешка дилема: или да се прифати освојувањето територии со сила, или да се испратат НАТО трупи, што би можело да доведе до трета светска војна со катастрофални последици. Тој ја поддржа иницијативата на новата американска администрација за мировен процес меѓу Русија и Украина, изразувајќи разочарување од недостигот на поддршка од некои европски лидери за мировните напори на американскиот претседател Доналд Трамп.

На Меѓународниот инвестициски форум во Ташкент, Радев нагласи дека соработката со Централна Азија е сè поважна за ЕУ, а Бугарија игра клучна улога во обезбедувањето транспортна, енергетска и дигитална поврзаност. Тој посочи дека модерните пристаништа во Варна и Бургас, како и прометната копнена граница, ја позиционираат Бугарија како влезна точка од Азија кон Европа.

Одговарајќи на прашање за состојбата во САД, вклучително немирите во Лос Анџелес и предизвиците во Врховниот суд, Радев рече дека Бугарија има доволно свои проблеми и очекува САД да останат фактор на стабилност и демократија во светот.

Радев учествуваше на форумот во Ташкент заедно со узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев и словачкиот премиер Роберт Фицо, во рамки на официјалната посета на Узбекистан, а претходно беше во посета на Казахстан. 



Можеби ќе ве интересира

Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?

Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?

(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби

(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби

Косово купува моќно американско оружје

Косово купува моќно американско оружје

ВИДЕО: Клоци и боксови со Собранието на Бугарија

ВИДЕО: Клоци и боксови со Собранието на Бугарија

„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно

„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно

„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија

„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија

Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај

Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај

Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација

Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација

Евзони повторно затворен

Евзони повторно затворен