Добивај вести на Viber
Не стивнуваат препукувањата на релација власт - опозиција за законитоста за издавањето на еврообврзницата. СДСМ обвинува дека издавањето на евробрзницата е незаконско оти нема правно мислење од Министерството за правда. Министерството за финансии тврди дека нема ништо незаконско во издавањето на еврообврзницата.
Но,од друга страна министерот за правда Владет Џафери тврди дека до сега до него од Министерството за финансии не стигнало никакво барање за правно мислење за еврообрзницата.
„ До овој момент од Министерството за финансии до Министерството за правда нема доставено никако барање за правно мислење за издавањето на еврообврзницата“, вели министерот за правда Владет Џафери.
СДСМ обвини дека со издавањето на еврообрзницата е направено кривично дело оти не е побарано правно мислењње од правда.Партијата го обвини и министерот Џафери дека ќе го прекрши Законот за јавен долг доколку ја потпише еврообрзнивцата откако ќе заврши трансакцијата, како што деновиве изјави министерот за финансии Кирил Миноски.
„Џафери молчи и за тоа дали Билјана Бришковска неговата заменичка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ неовластено го претставувала Mинистерството за правда на конференциската врска во понеделникот кога се договараше незаконското задолжување. Џафери мора да има предвид и дека ставката странски задолжувања во Буџетот за 2016 е 370 милиони евра што значи дека во Буџетот не е планирано новото историско финансиско задолжување кон коешто предизборно посегна власта на Груевски, а Ребалансот на Буџетот се уште не е усвоен во Собранието на Р.Македонија“, посочуваат од СДСМ.
Министерот Миноски нема конкретен одговор и прецизно објаснување дали за законитоста на еврообврзницата добиле потврда од Министерството за правда. Деновиве тој одговори дека практиката била прво задолжување па потоа потпис од правда.
„Се работи за стандардизирана процедура во која што во почетна фаза се врши утврдување на законскиот текст кој што треба потоа да се верификува по завршување на трансакцијата. Непотребно се креваат тензии околу формални работи кои и претходно кога се издавале еврообврзници биле на идентичен начин решавани“, изјави министерот Миноски.
Во соопштенијата пак од Министерството за фианнсии се посочува дека правното мислење е усогласено и со светски реномираните банки преку кои е издадена обврзницата и со Министерството за правда. Од владејачката ВМРО ДПМНЕ ја обвинија СДСМ за финансиски тероризам.
„ Граѓаните знаат дека СДСМ бесрамно одлучи со сите сили преку манипулации и притисоци до светските финансиски институции да создаде вештачка паника која директно се одразува на угледот на земјата. Разликата во каматата од првото издавање на еврообврзницата кое беше одложено поради деструктивното делување на Заев и СДСМ, до второто издавање е најдиректна заслуга само на финансиските терористи од Бихаќка“, реагираа од ВМРО ДПМНЕ.
Што предвидува Законот за јавен долг?
Според Законот за јавен долг кога се земјата се задолжува на меѓународниот пазар на капитал, министерот за правда издава правно мислење за задолжувањето во странство.
„ Државните хартии од вредност во име на Република Македонија, на меѓународниот финансиски пазар ги издава Министерството за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија, со која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку државни хартии од вредност. Министерот за правда издава правно мислење за правната важност на издавањето на хартии од вредност на меѓународниот финансиски пазар“, стои во Законот за јавен долг во член 18 став 5 и 6.
Токму за овој член од Законот реагираше СДСМ дека е прекршен.
Парите од еврообврзницата ќе стигнат деновиве
Еврообрзницата ја купиле инвеститори од Европската Унија и од САД. Деновиве на буџетската сметка се очекува да легнат 450-те милиони евра. Министерот Миноски изјави дека парите ќе се употребат за покривање на дефицитот и враќање на стари долгови, но не одговори прецизно дали без еврообрзницата би имало пари во државната каса за исплата на плати и пензии.
„Имаме доволно финансиски средства за сервисирање на сите услуги на сите трошоци што ги преземаме како држава. Нас ни се неопходни средствата од еврообрзницата. Било која Влада која и да дојде во Македонија, ќе треба да утврди динамика со која што ќе се излегува на светските финансиски пазари на капитал и треба да се утврди временска рамка во која што би се излегувало“, изјави Миноски, кој на прашањето дали без еврообврзница ќе имаше пари за плати и пензии одговори дека нема коментар.
Дел од економистите ваквата изјава на Миноски ја протолкуваа како доказ дека без задолжувањето со еврообрзницата Буџетот нема да се реализира како што е планирано и тешко би се исплаќале платите и пензиите. Но, оценуваат дека доколку се скратеа непродуктивните трошоци немаше да има потреба од еврообврзница.
„Македонија почна да се замислува дека е развиена земја и да троши како развиена земја, а не како една од најсиромашните во Европа.Претераното градење значи дека градиме на товар на долг што ќе треба да го враќаат идните генерации. Во моментов ние немаме доволно средства со вакво темпо да се зголемуваат социјални ставки, значи се работи за претерано трошење.Економијата во 2016 значително забави, тоа го покажа и оној раст од 1, 96 проценти. Забавувањето на растот на економијата директно влијае на наплатата на даноците и тука имаме потфрлање.Вториот квартал тоа ќе го покаже. Во економијата има правила, ако не скратите во трошењата значи ќе треба да се задолжите. Втората опција е да соберете повеќе приходи, а во сегашната состојба на политика криза тоа не не можеме да го направиме.Така што опцијата беше намалете ги непродуктивните трошења или задолжете се. Добар домаќин односно министер за финансии ќе ги намалеше трошењата“, вели Павле Гацов претседател на Здружението на даночни експерти.
За дел од економистите е нејасно зошто се задолживме во странство кога постојано во јавноста министерите за финансии и претходниот Зоран Ставрески и сегашниот Кирил Миноски, изјавуваа дека Буџетот е во добра кондиција.
„Најважно прашање е, како и за кои потреби ќе се трошат парите. Со оглед дека Буџетот е во добра кондиција, што значи дека приходите се во рамките на проектираните вредности, тогаш нам и не ни беа потребни дополнителни извори на средства, од причина што со постојниот прилив се обезбедува доволен обем на средства за финансирање на вкупната буџетска потрошувачка, се разбира, освен делот кој се однесува на проектираниот буџетски дефицит.Во вакви услови, обезбедувањето на средства преку ново задолжување создава недоверба во правец, на тоа дека прво можеби приливот на средства во буџетот е под проектираните вредности, потоа дека можеби доспеаните обврски во буџетот се поголеми од претходно евидентираните, трето дека можеби буџетската потрошувачка е поголема од проектираните вредности, четврто дека можеби до крајот на годината се предвидува зголемена јавна протрошувачка, над нивото и надвор од тоа што е предвидено со буџетот, а усвоено во законодавниот дом, вели универзитетскиот професор Сами Бислими.
Ова задолжување со евробврзница од 450 милиони евра, со рочност од седум години и со пресметана камата од 5,6 отсто ќе изнесува 627 милиони евра. Максималниот износ што го бараше Владата беше 650 милиони евра. Но, првото издавање беше стопирано поради писмото од Кире наумов од СДСМ до менаџерите на банките кои управуваа со продажбата на евробврзницата, во кое тој посочи дека со издавањето се кршат низа закони. Потоа седумгодишната еврообврзница се реемитуваше. Повисоката каматна стапка според економистите е очекувана поради ризикот што го има Македонија во однос на неизвесноста од политичката криза. Економистите укажуваат дека растот на долгот и буџетскиот дефицит е со тренд што не може да биде следен од растот на бруто-домашниот производ. Вкупниот јавен долг заклучно со првиот квартал од годинава изнесува 4,3 милјарди евра или 45 % од БДП.
Т.С