28 Јуни, 2024
0.0252

Eвропа воведува патничка виза за да го зголеми бројот на туристи?

Објавено во: Анализа 03 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Европската комисија на први овој месец предложи да биде воведена "патничка виза" за земјите од Шенген зоната, истата треба да важи една година и со можност за обновување за уште една година, за да се привлечат богати кинески и руски туристи, пишува Франс прес. “Премногу туристи се колебаат дали да патуваат во Европа поради сегашните процедури и високите цени. Тоа се големи загуби за економијата на ЕУ", објаснија пред новинарите европските комесари Сесилија Малмстром (за внатрешни работи) и Антонио Тајани (за индустријата). Специјалната виза ќе важи за граѓани на земји како Русија, Кина, Украина, Саудиска Арабија, Индија и Јужна Африка со силен потенцијал од богати туристи, привлечени од европските земји. Според податоците на комисијата во 2012 година Унијата загубил 6,6 милиони туристи од овие земји. Тие се одлучиле за други дестинации, откако биле обесхрабрени од формалностите за добивање на виза за 26-те земји од Шенген зоната (22 земји од ЕУ плус Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн). Велика Британија и Ирска одбија да се приклучат на Шенген договорот. Бугарија, Романија, Хрватска и Кипар чекаат за пристапување, потсетува агенцијата. Малмстром и Тајани ги покренаа истите аргументи минатата година, повикувајќи ги земјите членки да покажат повеќе разум при издавањето на визи на кинески и руски туристи. "Туристите трошат 400 милијарди евра секоја година во ЕУ и можеме да се надеваме да ги зголемиме до 500 милијарди до 2020 година", посочи Антонио Тајани. Туристичкиот сектор обезбедува 18,8 милиони работни места во ЕУ. "Ако ЕУ успее да го зголеми со 60 на сто издавањето визи, ќе можат да бидат создадени 1,3 милиони работни места дополнително до 2020 година", нагласуваат двајцата еврокомесари. Малмстром препорачува освен тоа да се намали од 15 на 10 дена рокот за издавање на виза, да се развие систем за онлајн поднесување на молби и да се елиминираат некои правила за млади под 18 години. Предлозите веднаш биле испратени на земјите, но не се очекува да бидат разгледани порано од есенва, кога ќе почне со работа новиот Европски парламент. К.К.