Европското задоволство, слаба утеха за Грците
Објавено во: Балкан 16 Септември, 2013 12:26
Владата во Атина е среќна поради оценката на претседателот на Европската комисија, но невработеноста оствари нов рекорд.
Оценката на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо изречена во Европскиот парламент дека Грција драстично се изменила на подобро во последните три години официјална Атина ја дожувува како комплимент.
Пофалбите за спроведените реформи кои укажуваат дека Грција е на пат да зајакне, се поттик за владата и премиерот Антонис Самарас кој идната недела ќе патува во Брисел.
Министерот за финансии Јанис Стурнарас категорички тврди дека програмата за реформите добро функционира, дека Грција наскоро ќе застане на свои нозе и дека во 2014 година нема да има нови мерки за штедење.
Дека кризата е далеку од решена и дека показателите за растот се само први сигнали на оптимизам, покажуваат соопштените податоци дека невработеноста во јуни достигнала 27,9 проценти, што потврдува дека пазарот на трудот веќе шеста година продолжува да тоне во длабока рецесија.
Грчката невработеност, двојно поголема од просекот на ЕУ, сега е на највисоко ниво од 2006 година.
Пофалбите на Баросо затоа се мала утеха за нацијата која поднесе најголем товар од реформите, за илјадници кои останаа без работа, за тие кои ќе се најдат на листите за принуден одмор.
Наставниците и професорите повторно со пет дневен генерален штрајк се обидуваат да предупредат дека образовниот систем е доведен во прашање со масовните откази на наставничкиот персонал и со фактот дека училиштата останале без 16.000 наставници.
На удар се и вработените во воената индустрија, чии отпуштања, експертската тројка ММФ, ЕК и ЕЦБ, ги поставува како еден од основните барања, чие исполнување ќе го бара овие денови кога ќе дојдат во Атина да ја проверат состојбата на теренот, пред да одобрат нова транша кредит.
Членот на одборот на ЕЦБ Лук Коен вели дека е јасно дека грчкиот проблем сеуште не е завршена приказна и дека веројатно ќе требаат дополнителни интервенции, зависно од развојот на состојбата.
Судејќи според информациите кои доаѓаат од кредиторите, на Атина ќе и треба дополнителна помош уште еднаш, можеби и два пати. Се зборува за износ од 11 милијарди евра кој ќе биде потребен во втората половина на 2014 година.
Коен, истакна дека грчката економска база е многу скромна и дека ќе треба многу време и труд да се покрене стопанството.
На пример, се повеќе Грци од северниот дел на Грција се селат во Бугарија. Покрај домашните и странските фирми кои таму ги преселија своите дејности и многу жители од местото Драма на североистокот се невработени или пак со плати од најмалку 800 евра, па за подобар живот ја избрале Бугарија.
Извор: Миа
Можеби ќе ве интересира
Вјоса Османи се пофали дека уште една земја го призна Косово
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација




