29 Септември, 2024
0.0268

Еврото со прв раст во однос на доларот после две недели

Објавено во: Анализа 12 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Еврото денеска го забележа првото поскапување во однос на доларот после две недели опоравувајќи се од 12-годишен минимум. За време на азиската трговија курсот на единствената валута падна до 1.0494 - најниско ниво од јануари 2003 година, но подоцна напредуваше со 1% до 1.0653 долари, што е најсилен раст од еден месец.

Краткорочен ефект

Повеќето трговци и аналитичари очекуваат закрепнувањето на еврото да е краткорочно, забележува Ројтерс. Многу од нив предвидуваат дека во текот на следните месеци ќе дојде до паритет со американскиот долар, што се случувало последно во 2002 година. Денеска „Bank of America Merrill Lynch“ стана уште финансиска институција која ги намалува прогнозите за идниот курс на еврото. Експертите на банката веќе очекуваат до крајот на годината вредноста на доларот и еврото да се израмни, како досегашните прогнози кои беа за задржување на курсот околу 1,10 долари.

Единствената валута се наоѓа под притисок истовремено од започнатата во понеделникот програма на Европската централна банка (ЕЦБ) за квантитативно олеснување и од поскапувањето на доларот. Американската валута беше поддржана од зголемените шпекулации дека Банката на федерални резерви може да преземе зголемување на основната каматна стапка уште во јули поради подобрување на податоците за пазарот на труд во САД. Поскапувањето на еврото денеска беше резултат главно од благото поевтинување на доларот. Тоа од своја страна беше предизвикано од статистиката за продажбата на мало во земјата, која покажа континуирано влошување. Индексот на доларот, кој се формира од курсот спрема шест главни светски валути, загуби 0.8%.

„Движењата на девизниот пазар денес веројатно почнаа како обид да се врати профитот на трговците од долгите позиции во однос на доларот. Ова е доказ дека оценките на пазарот станаа премногу еднодимензионални“, коментира Дараг Маер, монетарен стратег во британската банка HSBC. „Освен ако еврозоната не биде исправена пред протести од страна на трговските партнери поради слабеење на еврото, овој тренд најверојатно ќе се задржи. Има позната гласина од страна на САД, но во целина, додека Европејците се задоволни од слабоста на валутата, курсот може да продолжи да опаѓа“, забележуваат од своја страна аналитичари.

Печатење на пари

Денеска ЕЦБ ги претстави деталите за првите купувања од програмата за квантитативно олеснување. Во првите три дена биле купени обврзници во вредност од 9,8 милијарди евра со просечно достасување од девет години. Според плановите на централната банка купувањата на државни и приватни хартии од вредност треба да достигнуваат 60 милијарди евра месечно. Предвидено е програмата да продолжи барем до септември 2016 година.