ФАКТОР ОТКРИВА: „МТЕЛ“ ГО КУПУВА МАКЕДОНСКИ „НЕОТЕЛ“ - преговорите успешно завршија, се чекаат одлуките на регулаторите
Објавено во: Економија 10 Март, 2023
„МТЕЛ“, компанија ќерка на „Телеком Србија“, која од 2021 година е присутна на македонскиот пазар, го купува телекомуникацискиот оператор во земјава „Неотел“.
За оваа информација Фактор доби потврда и од „МТЕЛ“, од каде на барање на нашата редакција наведуваат дека компанијата успешно ги завршила преговорите за аквизиција на „Неотел“.
„Во оваа фаза можеме да потврдиме дека согласно нашата деловна определба да обезбедиме подобри услуги за нашите корисници и нашата политика и стратегија за ширење на деловното работење во регионот на Западен Балкан и Европа, успешно ги завршивме преговорите за аквизиција на телекомуникацискиот оператор ‘Неотел’. Но, како што е пракса при ваквите стратешки инвестиции, и согласно законските норми, за комплетирање на целата постапка на преземање неопходно е да се изјаснат и надлежните регулаторни институции во државата. Во интерес на успешно завршување на оваа аквизиција би сакале да ги почекаме нивните конечни одлуки, по што би можеле со целосна сигурност да кажеме дека оваа зделка е заклучена“, се вели во одговорот кој го добивме од „МТЕЛ“.
Во ноември минатата година Фактор објави интервју со Марко Лопичиќ, директор на „МТЕЛ“, и тоа на годишнината од присуството на МТЕЛ на пазарот во Македонија. Тоа од компанијата го одбележаа со нови понуди за клиените кои нудат посеби бенефити, а се најави и проширување на продажната мрежа.
„По една година работа во Македонија минатиот месец ја реализиравме нашата амбиција МТЕЛ да се наметне и како нов голем мобилен оператор во земјава. Македонските корисници може да бидат сигурни дека бенефитите кои што ги нудиме на пазарот ќе ги подигнат телекомуникациските услуги на едно ново ниво.Особено сме горди на понудата во делот на мобилната телефонија и интернет бидејќи услугите за македонските корисници внимателно ги осмисливме и внимававме да ги прилагодиме на желбите и потребите на локалните корисници, а притоа да им понудиме едно поинакво дигитално искуство по примерот на врвните светски телекомуникациски оператори“, изјави Лопчиќ, потенцирајќи дека МТЕЛ во својата понуда ги има mSTARTпри пејд и mCONNECT пост пејд тарифи како и mBOX комбинирани пакет кои што вклучуваат мобилна телефонија, интернет и секако веќе добро познатата сателитска телевизија mSAT TV.
„Континуирано работиме на проширување на нашата продажна мрежа за сега услугите на МТЕЛ да бидат достапни на околу 500 локации ширум државата, преку нашите продажни салони и мрежата од овластени партнери“, ни изјави тогаш Лопичиќ во интервјуто..
А, пред да се случи оваа аквизиција, одобрување треба да даде и Комисијата за заштита на конкуренцијата во земјава. Тие веќе го добиле известувањето од компанијата.
„Согласно член 15 од Законот за заштита на конкуренцијата, на 09 февруари 2023 година, до Комисијата за заштита на конкуренцијата е доставено известување за концентрација која се однесува на стекнување на поединечна контрола од страна на МТЕЛ ДООЕЛ Скопје над друштвото НЕОТЕЛ ДОО Скопје“, се вели во објавата од Комисијата.
Оттаму наведуваат дека МТЕЛ ДООЕЛ Скопје е нотифициран телекомуникациски оператор од страна на Агецијата за електронски комуникации во земјава, регистриран за дејност жичени телекомуникации, односно за давање сателитски услуги и реемитување телевизиски програмски сервиси. МТЕЛ ДООЕЛ Скопје нема поврзани правни лица на територија на РСМ.
„НЕОТЕЛ ДОО Скопје е нотифициран телекомуникациски оператор од страна на АЕК во земјава, регистрирано за давање услуги на услуги за пренос на податоци - широкопојасен фиксен пристап до интернет, услуги поврзани со радиодифузија - малопродажен пазар за реемитување на телевизиски програмски сервиси и малопродажен пазар за давање на услуги на фискна телефонија.НЕОТЕЛ ДОО Скопје има поврзани правни лица на територија на земјава - Друштво за телекомуникации и услуги КОМБО 2003 ДОО извоз-увоз Куманово и регистрирана дејност - Други телекомуникациски дејности, како и Друштво за производство, трговија и услуги ФИКАБ ДОО увоз-извоз Тетово и регистрирана дејност - Други телекомуникациски дејности“, објасниле од Комисијата.
Наведуваат дека по однос на релевантниот пазар на стоки за предметната концентрација, Подносителот предлага дека истиот би можел да се дефинира како малопродажен пазар за давање услуги на широкопојасен фиксен пристап до интернет, малопродажен пазар за давање на услуги за дистрибуција на медиска содржина и малопродажен пазар за давање на услуги на фискна телефонија.
„Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана. Комисијата ги повикува сите заинтересирани страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата, во рок од 10 дена од денот на објавување на ова известување“, се вели во објавата од Комисијата.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.