05 Мај, 2024
0.0245

ФАКТОР СТОРИЈА: Кога гладот тропа на врата, гордоста излегува низ неа!

Објавено во: Анализа 29 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Дека животот е тркало, еднаш си горе, на врвот, меѓу звездите, недопирлив, а друг пат на дното, онаму најдоле, кадешто никој не сака ниту да помисли како е...Е ова е само еден од вртежите на тркалото на животот за Неџад Асан од Скопје. За себе вели, дека е скромен, сега знае да е задоволен и со малку...Но само пред една година ги уживал благодетите на една убава живеачка. Има сопруга која работи во државна фирма, две деца, работи во невладин сектор. И се изгледа толку едноставно и лесно, но само за миг се руши македонскиот сон за убавото. Секнуваат парите од невладините организации, сопругата останува без работа, семејството без покрив над главата. Од хармонијата и топлината во домот остануваат само сеќавања. А, не мораше да биде се така неубаво... Вака ја почнува својата  животна сторија Неџад од скопска Шутка. “Во последниве десет години работев во невладин сектор, невладини организации и фондации, во Македонија . Бев преведувач од англиски, германски, за потребите на организацијата, исто така бев координатор на многу проекти кои опфаќаат социјални случаи, образование и култура. Сопругата порано работеше во архивата на Дирекцијата   за заштита и спасување, но поради децата мораше да ја напушти работата. Јас тогаш, вели, заработував добро, дури и за двајцата.Имав сигурна работа која сакав да ја работам, пријатна работна атмосфера, колеги, семејство. Но по цела деценија успех и труд, наеднаш како гром од ведро небо, останав без работа. Проектите завршија, парите секнаа, експресно стигнаа проблемите.Сметките се натрупуваа, немав пари за кирија, ниту за сметки, храна облека. Јас и моето семејство станавме буквално бездомници. Имам  две деца, едното има седум години, а другото три. Минатата 2012 стана кошмарна и за нив. Седум месеци со куферите враце одевме од роднина на роднина, кај пријатели. Децата, особено поголемото многу тешко го доживеа овој турбулентен период. Незнаев каде да го барам спасот. Чукнав на вратата на Центарот за социјални работи.Оттаму еден од вработените ми ја кажа опцијата да се сместиме во Чичино село, но по реакцијата на неговото лице сватив дека оваа опција не е за нас”-вели Неџад. Како до излез од агонијата? Без пари и без дом, Неџад и неговото семејство тонат во агонија. Како да се најде излезот? Да ја прифатат понудата на државните институции задолжени за лицата како нив, или да го продолжат патот? “Ми беше страв за безбедноста на моите деца, сопругата, таму неможат моите деца да се школуваат. Ние не бегаме од работа, но сакаме пристоен живот. Тоа таму, во Чичино село,  го нема, а државата го нуди како опција за спас. Но тоа е се, само не тоа, а ако не прифатиш можеш да си останеш на улица. Те оставаат да бираш, или да одиш таму да ти се заразат децата, нешто да се случи со тебе и сопругата,  или баш буквално да останеш на улица”- за жал тоа е тоа! Следната дестинација на спасот е Црвениот крст на град Скопје. Откако безнадежно и со сомнеж ќе тропне на вратата, одеднаш работите го менуваат текот. Од другата страна ќе го дочека пријатна насмевка и подршка на активистката на Црвениот крст Марина Матеска. Овој случај и за неа има посебно значење, бидејќи е првиот од кога почнува да работи во социјално- хуманитарната дејност. Во нејзината работа има многу емоции, многу хуманост но и истрајност да се сослуша оној на кого му е потребна помош, да се советува и да му се помогне да го најде најдобриот излез. Таа вели, се додека не почнала да работи во Црвениот крст не била свесна колку многу сиромашни семејства има во земјава, испреплетени во  најразлични животни приказни како оваа на Неџад Асан. “Ова ми беше прв случај од кога почнав да работам во социјално -хуманитарната дејност, луѓето дојдоа да се обратат за помош, беа буквално на улица. Приказната на Неџад Асан, знам дека не е ниту првата, нема да биде ниту последната, но оваа животна  приказна покажува дека заеднички, пред се негова заслуга, ние како Црвен крст  бевме тука да го подржиме, тој да се издигне и да живее како сите луѓе. Помогнаа и од СОС детското село, и тоа според мене е начинот, да работат  заедно, сите организации, секој со своја подршка во издигањето на оние луѓе на кои им треба помош. Ние како Црвен крст на град Скопје, се обидуваме да допреме до што поголем број на целни групи, да ги мотивираме компаниите, вработените, да помогнат, да ја пружат хуманата рака. Кај мене во канцеларија доаѓаат барем два до три случаи во денот,  кои доаѓаат со своја животна приказна и проблем. Успеавме со Неџад, верувам дека ќе успееме и со другите”-вели Марина Матеска од ЦК на град Скопје. Се отвораат вратите на хуманоста Од Црвенот крст,  на Неџад и семејството му помагаат околу  вадењето  на личната  документација,  за да може да остварат  социјална помош. Потоа патот ги води во канцеларијата на детското СОС село во Шуто Оризари. Една по една, почнуваат да се отвораат вратите на хуманоста. “Претходно немав потреба, давачките за пензиско и здравствено ми беа подмирени. Но, оваа нова состојба без работа ме научи на се. За да можеме да опстанеме, да застанеме на здрави нозе, скромно но сепак некаков чекор беше понудата на Црвениот крст,  да го продавам списанието “Лице-влице” Половина од заработувачката оди за редакцијата, половина за мене. И тоа беше почеток, почеток кој трае и денес. Продажбата оди добро, одам од врата на вратa, од институција до институција, луѓето го земаат, веќе се навикнаа, имам редовни муштерии. Денес, си го вадам лебот. Јас ја прифатив понудата, последните девет месеци работам во весникот. Неможам,  а да не ја споменам Климентина Илиевска која работи во весникот и многу ми помага и денес-раскажува продавачот на весници Неџад. Од амбисот кон успехот Кога ги гледа работите од денешна дистанца, мисли дека се подобри. Има секојдневна егзистенција, и малку по малку, чекор по чекор, работите одат напред.  Благодарен е што сепак во целиот период без дом и без финансии, сепак се нашле и неколкумина кои му излегле во пресрет. “Кога бевме без работа, бевме на улица, на милост на другите.Им благодарам, но сепак го допревме дното. Беше многу тешко. Бевме во критична ситуација, стрес, не е лесно со мали дечиња да бидеш на улица и да се чудиш каде и како ќе ја поминеш ноќта.Немавме пари за храна, се срамевме, молевме по роднини. Буквално се работеше за спиење. Големото дете е сега второ одделение, морам да кажам најтешко ми беше за него. Малецкото дете и не разбираше многу, интересно му беше со нови луѓе,си играше, сепак не разбира, Но, постарото дете разбира се, гледаше се, доживуваше  и преживуваше се. Од СОС детското село и помогнаа на сопругата да се вработи. Таа сега работи во Асоцијацијата за здравствена едукација Хера, во нивната канцеларија во Шуто Оризари кои работат на проектот “Сакам да знам” како приправник. Имаме скромен живот, малку работите се подобрија,можеме да си ги плаќаме сметките и храната, трошоците околу децата. Со весникот егзистирам од ден за ден,  борба за опстанок, но на крајот од денот имам некој денар во џебот.И тоа е нешто! Во иднина очекувам да дојдат и други можности, можеби во невладиниот сектор, таму сум најсигурен бидејќи имам десет годишно искуство кое треба да се искористи. Аплицирав секаде. И оние кои ме знаеја и оние кои не ме знаеја поради искуството,  велеа супер си,  но, ке ти јавиме ако имаме потреба!  Од тоа ветување,  до денес ништо.  Јас, со продажбата на весници,  одам во институции, фирми и секаде каде ќе има можност, прашувам за работа. Се надевам дека во иднина ќе излезе нешто плус. И вака не е лошо, да не се жалам, имало и полошо, но сепак може и подобро. Животна лекција барем од ова животно искуство иако беше непријатно и траеше цели седум, осум месеци научив многу”-се сеќава Неџад. Кои ми се вистинските пријатели?   Останува заблудата и неодговорени прашања. “Кога имаш работа и кога си добар, имаш и пријатели,инаку немаш ништо. Ова е чуствителна тема. Имав потреба да ја споделам , да си ја олеснам душата бидејќи знам дека има многу луѓе кои ќе се пронајдат во оваа сторија, луѓе кои не се ни свесни дека еден ден се на врвот,  а утре на дното. Јас го осетив на своја кожа.Научив како е да се биде без работа во Македонија. Но , не се откажав. Можеби не успеав којзнае што,  но сепак, се вратив меѓу луѓето. Успеав да се изборам за парче леб. Никој да не се откажува, животот е борба, денес сме горе -утре долу, во тие тешки моменти човекот мора да биде многу храбар, да не губи  надеж. Иако поминаа многу месеци, јас ниту во еден миг не се откажав, верувам дека секој може да се потруди малку повеќе, да бара работа, бидејќи се редат коцките, не може се така да помине”-завршува скромниот Неџад Асан. Храбро, без срам и гордо, Неџад Асан ја раскажа својата животна приказна, како мотив за сите оние кои еден ден ќе се соочат со неизвесноста, со безработицата и товарот на животот. Велат,  дека токму животот ги тестира луѓето, да види колку се силни да го поминат најтешкото,  или пак да се откажат од борбата. Неџад Асан успеа во првото!!! С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад