ФАКТОР СТОРИЈА: поранешните вработени од Славија оставени на милост и немилост!
Објавено во: Анализа 15 Јуни, 2014 08:28
“Маката не научи на се. Бараме да се испочитува правосилното решение CT2/96 кадешто се опфатени побарувањата по однос на неисплатени плати и придонеси кон Фондот. Во 2008 е донесена првата правосилна пресуда за незаконска приватизација. Раководството е осудено на затворски казни. Нашите побарувања се влезени во програмата за приватизација бидејќи по сила на закон не направија да се водиме под Завод, без примања, на терет на своите деца.Стечајната постапка на Славија е отворена уште во 1996 година, а имотот на компанијата се префрли на име на Агенцијата за управување со одземен имот. Има начин како да ни го решат проблемот еднаш засекогаш. Сега сум пензионер со старосна пензија со 7 000 денари. Секој знае што значи и дали може да се живее со овие пари, а сум работела повеќе од 20 години во Славија. Децата ни пораснаа сами, бевме постојано на работа и кога ни требаше најмногу да ги школуваме, останавме на улица. Ова е агонија без крај”-вели Расема Мехмет.
Вруќината од жешкиот асфалт на плус 40 степени, кога штрајкувала со своите колеги, сеуште е свежо сеќавање и за некогаш вработената работничка во Славија- Мира Велевска, од скопско Арачиново. Таа заедно со нејзиниот сопруг работела во Славија. Вели, тој за жал не дочекал да ги добие платите, ниту пак пензија. Покрај беспарицата, тие биле ставени пред уште потешки предизвици. Во 2001-вата година поради воениот конфликт, останале без својот дом во Арачиново, без пари, а со трошоци за школување на тројца студенти.
“Седев на улица, на сите протести за Славија. Седев и се чудев како ќе го поминам секој нов ден. Децата ги школував со тешки маки.Се случи и војната, останавме без кров над главата. Како да ни беа малку маки, двајца вработени во иста фирма, без плати. Тоа не би му го посакала никому. Тешки се судбините на работникот, на оној кој со своја пот изградил нешто, кој ја оставил младоста во фирмата. А, што добивме за возврат?” –прашува Велевска.
Во очај и жал, таа раскажува дека за погребот на сопругот, како и многумина од фирмата во зорт , потпишала нотарски заверен документ дека се откажуваат од тужби и камати, за да добијат дел од парите. Со солзи раскажува дека останала без дом, без сопруг, а со долгови до гуша.
“За да ги изиграат поранешните вработени почнаа со повик до нив да се јават до Дирекцијата за да им се исплатат дел од платите. Но тој што сака да земе пари мора да потпише нотарски заверен документ со кој ќе име се исплати на рати дел од побарувањето, но вработениот нема право на тужба ниту на камата. Тоа е на штета на работникот, кој останува со куси ракави, оштетен во секој случај”-додава Велевска.Се сеќава дека додека паѓале од вруќината на протестите, многумина им се смееле во лице на нивните судбини. Жално е според неа, што луѓето не мислат дека тие “туѓи” судбини еден ден може да тропнат на сечија врата.
Во Славија работеле 115 лица со по двајца вработени. За маките да бидат поголеми, велат тогаш и двајцата тонат заедно.Еден таков пример е Васил Калиманов , кој со солзи во очите раскажува за маките кои немаат крај. Се сеќава и на онаа народната “празен кош-готов нож”, која ја преживува секој ден. Тој и неговата сопруга работеле во Славија околу 20 години. Денеска е без работа, а сопругата има само пензија од 5000 денари. Живеат со долгови кои секој месец се зголемуваат. Вели, на роднини и пријатели им должи околу 3000 евра кои се наталожувале бидејќи постојано им требало нов прилив на средства за подобрување на здравствената состојба на неговата сопруга. Таа поради гликемија можела да ги изгуби прстите на нозете, па за хируршкиот зафат првично му биле потребни околу 1000 евра. Долговите за контроли и лекарства се зголемувале. Денеска, вели незнае од каде ќе ги врати сите тие пари со кои и го спасил животот на својата сопруга, но и ги наталожил новите проблеми.
“Животот станува се помизерен. Имам двајца синови кои не работат. Сопругата е многу болна, а јас сеуште се надевам дека ќе ги видиме парите”-додава Калиманов.Стечајот во Славија се отворил во 1996 година, а и надежта дека ќе се исплатат платите. Ниту по судските разврски пари нема. Муса Дедеиќ во Славија работел триесетина години. Тој е татко на две деца, сопругата му е невработена. Вели живее во субстандардни услови во скопската населба Чаир. Секој ден за него е нов проблем, како да се преживее истиот?
“Се сменија директори, беше откриен криминалот во фирмата, имаше и пресуди, но за вработените нема ништо. Се издаваат просториите под наем. Пари има, ама за кого. Се сопре кога останав без работа. Живееме во скромна куќа, без никакви услови. Сметките и покрај мизерните услови ни се наталожуваат.Двете деца растат, а и потребите исто. Секој ден е нова приказна. Побарав да ме примат на работа, како чувар, на одржување, што било, но не сакаа ни да чујат. Донесоа луѓе без искуство. Останавме буквално на улица. Да се снаоѓаш како црн ѓавол”-вели Дедаиќ.
Сите нив ги спојува слична животна судбина, беспарицата и некогашната фирма Славија во која им останале само спомените и заробените плати. Славија располага со деловен простор со вкупна површина од 31 илјади метри квадратни, а најголем дел од приходите го остварувала од наеми. Вредноста на вкупниот недвижен имот на Славија изнесува 26 милиони евра.Сепак прашањето за исплата на заостанатите плати и придонеси на вработените останува нерешено.
С.Б.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени





