Добивај вести на Viber
Светските економии излезот од кризата и желбата за економски раст го гледаат токму во стимулирањето на “зелената“ индустрија и “зелените“ работни места. “Зелените“ работни места се повеќе се бараат по огласите на страниците на светските весници, како и по огласите на агенциите за вработување.
Сонцето – бесплатен и чист извор на енергија
Соларните панели, од кои се добива санитарна топла вода, но и електрична енергија, кои веќе со децении се применуваат во светот, кај нас почнаа да стануваат актуелни пред неколку години. Неспорно е дека скапите енергенси, се поголемите производни трошоци ги тераат домаќинствата, фирмите и институциите да вградуваат соларни системи во објектите. Со мала инвестиција се нуди шанса за голем и исплатлив “зелен“ бизнис.
Сонцето е еколошки чист и бесплатен извор на енергија. Она што е потребно е само парите да се вложат разумно. Обуката за инсталатер на соларни панели не е комплицирана, а алатот и опремата не се прескапи.
Познавачите потенцираат дека е штета што Македонија со 280 сончеви денови годишно многу малку го користи сонцето за производство на енергија. Македонија и Далмација имаат најдобро сончево зрачење од сите земји на Балканот, со околу 1.400 сончеви часови годишно. За три години во земјава се изградени соларни централи со моќност од 1,3 мегавати.
“Зелени“ градби
Еколошкото градежништво (green building) значи градење објекти преку процес одговорен кон природата. Овој процес опфаќа еколошки извори, почнувајќи од дизајн, реализација, изведба, материјали, одржување, реновирање, па се до реконструкција на објектот. Ваквиот концепт го дополнува класичниот тип на изградба, особено од аспект на економичност, функционалност, трајност и удобност.
Целта на одржливото градежништво е да се намали силниот удар кој се врши врз природата преку заземање големи површини за изградба, енергетска и хидроконсумација, како и воздушна и атмосферска алтернација. Ваквото движење започнува поради фактот дека неконтролираната употреба на природни ресурси ќе стане сериозна закана за животот во иднина.
Наспроти светските и Европските трендови, во Mакедонија многу малку се градат енергетски ефикасни објекти. Градежните компании од земјава и од регионот, но и оние кои произведуваат прозорни системи објаснуваат дека заштедата на енергија е неопходна во време кога енергијата е се поскапа, а многу малку се искористуваат расположливите ресурси.
Отпадот може да биде и профитабилен
Справувањето со отпадот е глобален проблем. Но, светот не гледа на отпадот само какао на ѓубре, туку и на начин за заработка.
Рециклирањето е всушност селекција на одредени материјали од отпадот и нивно повторно искористување. Овој процес подразбира собирање, издвојување, преработка и изработка на нови производи од отпад и сето тоа ја зачувува животната средина, бидејќи голем дел од материјалите во денешницата не се биоразградливи. Стаклото, хартијата, пластиката, металот и електронскиот отпад може да се рециклираат, велат познавачите.
Со секојдневното производство на хартија и производи од хартија се уништуваат огромни пространства шума и затоа, непотребниот канцелариски материјал, весници, хартиени кеси и амбалажи може да се рециклираат. Со тоа се заштедува дури 60% од енергијата за производство на нова хартија, се троши 15% помалку вода, а се намалува и загадувањето на реките, потенцираат експертите.
Македонските бизнисмени кои се занимаваат со рециклирање пластика велат дека бизнисот бара големи инвестиции, напорна работа и трпение на долг рок за да се видат поголеми резултати. Истакнуваат дека рециклирањето е исплатлив бизнис - профитираат и тие, но и целата држава.
Органско производство
Ако помалите трговци сакаат да опстанат на пазарот подолго време и притоа да имаат успешен бизнис, мора да инвестираат онаму каде што цената не ја диктира потрошувачката, а примери за тоа се здравата храна, скапите брендови... Во развиените земји потрошувачката на органски производи секоја година расте со околу 10%. Според аналитичарите, оваа гранка е втора, по информатичката технологија, која може да ја придвижи економијата.
Според досегашните анализи на познавачите, бизнисот со производство на органска храна во Европа креира обрт од 30 милијарди евра. Сето тоа треба да биде доволен поттик за да ги вложат своите пари и знаење во органско производство на храна, бизнис кој од ден на ден се повеќе расте. Органска храна се произведува без методи кои вклучуваат синтетички состојки, вештачки ѓубрива и генетски модифицирани организми. Се произведува без зрачења и радијација, без индустриски растворувачи или хемиски адитиви.
До сега, во Македонија органски се произведуваат само мед, грозје, житни култури и некои видови овошје.
Консалтинг
Голем дел од “зелените“ проекти паѓаат на евалуацијата во банките кои треба да им одобрат кредит. Проодноста на европските “зелени“ проекти се движи помеѓу 10% - 15%.
Секоја компанија која сака да ги примени мерките на енергетска ефикасност или пак, да го промени традиционалниот извор на енергија со обновлив извор мора да подготви проектна документација што сака да направи и кои ефекти сака да ги постигне со тоа. Сето тоа бара голема стручност, искуство и добра информираност за тоа дали проектот ќе биде доволно атрактивен и за банката, за да реши да вложи дел од парите помагајќи ја компанијата. Затоа, компанијата многу често има потреба да ангажира консултант/инженер за подготовка на студијата за инвестицијата. Тие им помагаат на заинтересираните компании во пишувањето на проектната документација и апликацијата, пред се во изработка на предлог-пакет (технички и административни), како и во подготовка и поднесување проектни апликации за ЕУ-фондовите.
Консултантите ги подготвуваат и бизнис и маркетинг-плановите за потребите на компаниите.
К.П.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.