Фармакоекономија за почетници: Како се мери вредноста на лековите?
Објавено во: Колумни 18 Јули, 2025 07:59
Автор: Филип Ачкоски, М-р по фармација со 20 годишно регионално искуство во развој, набавка, продажба и маркетинг на: лекови, додатоци во исхраната, медицински помагала и козметика. Топедукатор.
Целта на секој сериозен здравствен систем е да обезбеди што повеќе модерни лекови — и за хронични болести, и за онколошки, и за ретки состојби. За жал македонската реалност е дека здравствениот буџет е ограничен, а новите терапии често носат и енормни трошоци, меѓу останатото и поради фактот што сме мал пазар со низа специфични ограничувања. Токму затоа сè повеќе се зборува за фармакоекономија.
Што точно значи тоа, и како се „мерат“ лековите за да се одреди дали се вредни за парите што ги плаќаме?
Фармакоекономијата е наука која се обидува да одговори на прашањето:
Колку плаќаме за лекувањето и што добиваме за тие пари?
Таа ги споредува трошоците на една терапија со здравствените резултати што ги дава, за да се донесе одлука кои лекови навистина носат најголема корист за пациентите и општеството.
Знаете ли дека?
Поефтина кутија од еден лек не значи и автоматска заштеда на системот. Клучен
фактор е што добиваме за вложените пари во смисла на здрав и општествено
корисен пациент.
Како се мери вредноста на лековите?
Фармакоекономијата користи неколку пристапи и формули.
Еден од најчестите е анализа на трошоците во однос на постигнатиот ефект (cost-effectiveness analysis). Со неа се гледа колку чини да се постигне одреден здравствен резултат — на пример, да се спречи срцев удар или да се продолжи животот за една година.
Друг, сè почесто користен метод е т.н. QALY (Quality-Adjusted Life Year). Тоа е мерка која кажува колку дополнителни години живот со добар квалитет, се добиваат благодарение на една терапија.
Анализата на минимизација на трошоците (Cost-minimization analysis) се користи кога две или повеќе терапии имаат приближно ист ефект, па се анализира која е поевтина. На пример, ако два лека подеднакво ја намалуваат болеста, но еден е значително поевтин, тој ќе се избере.
Мал пример:
Ако нов лек чини 10.000 евра и обезбедува дополнителна година живот со добар
квалитет (1 QALY), трошокот е 10.000 евра по QALY. Ако друг лек чини 50.000
евра а дава само 3 месеци подолг живот
со добар квалитет, тогаш истиот е многу помалку „исплатлив“.
Зошто е ова важно за Македонија?
Во земја со ограничени средства, како што е Македонија, фармакоекономскиот пристап е клучен за да се обезбеди што повеќе пациенти да добијат соодветна терапија.
На овој начин се спречува ситуација кога скапите терапии ќе го проголтаат целиот буџет, а за останатите пациенти ќе нема средства. За жал, ова не е само теорија — многу ретки болести бараат терапии што чинат стотици илјади евра по пациент, а без фармакоекономски филтер, здравствениот систем може да колабира. Од друга страна без унапредување на листата на лекови со нови терапии ние во суштина штедиме, туку напротив – предизвикуваме индиректна штета преку долготрајно и честопати некомплетно лечење на пациентите што во суштина е најскапо или ги префрламе трошоците на џебот на самите пациенти, што е нехумано.
Бројка за размислување:
Некои нови онколошки лекови достигнуваат цена од над 100.000 евра по пациент
годишно. Без внимателно планирање, овие трошоци можат да „го изедат“ буџетот за
сите други лекувања.
Заклучок: Паметно трошење = повеќе здравје
Важно е да се разбере дека фармакоекономијата не значи штедење на сметка на здравјето, туку паметно инвестирање на секој денар, за да може здравствениот буџет да обезбеди:
подобар квалитет на живот, подолг животен век, повеќе лекувани пациенти.
Тоа е единствениот пат да изградиме здравствен систем кој ќе биде во согласност со современите тераписки трендови.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





