28 Септември, 2024
0.0255

„Фершпед“ остана без најголемиот акционер!

Објавено во: Анализа 07 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Во понеделник ќе биде познато дали акциите се префрлени на една фирма или на повеќе други правни лица. Доколку се префрлени на повеќе други лица најголеми акционери ќе останат браќата Накови. Инаку еден од основачите на „Консталтинг инвестмент син“  беше Кираца Трајковска. „Консалтинг инвестментс син„ ДООЕЛ фирмата што досега беше најголем поединечен акционер и поседуваше 15,22 отсто од акциите со право на глас, повеќе не е акционер во „Фершпед“, објави најголемата шпедитерска компанија, вчера на веб страницата на Македонската берза. Во штурото соопштение не пишува што се случи со акциите на најголемиот поединечен акционер на една од најголемите македонски компании. Засега не се знае што се случи со акциите и кои или кој е новиот сопственик на акциите што во „Фершпед“ ги поседуваше „Консалтинг инвестмент син“. Заради тоа што досега немаше трговска трансакција со тие акции на Македонската берза за хартии од вредност сосема е веројатно дека тие акции сега се префрлени во нова фирма или во повеќе нови фирми. Изгледно е веќе во понеделник да има повеќе веродостојни информации за промената на најголемиот акционер во „Фершпед“. А тоа ќе се види на состојбата на акционерската структура што Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ), согласно законската обврска, ја објавува секој прв работен ден во седмицата. Можно е акциите на бидат пренесени на едно или две правни лица кои ќе бидат нови акционери во „Фершпед“, но можно е, а според познавачите на приликите и поверојатно, во понеделник да нема нов акционер во евиденцијата на ЦДХВ. И тоа да биде од проста причина што акционери во „Фершпед“ можат да бидат најмалку четири нови фирми кои ќе имаат по помалку од 5 отсто од акциите во „Фершпед“ и со тоа, легално, ќе ја избегнат законската обврска да влезат во јавно достапната евиденција на акционери кои имаат барем или повеќе од 5 отсто од акциите во „Фершпед“. Како настана „Консалтинг инвестмент син“ ДООЕЛ Скопје? „Консалтинг инвестмент син“ стана најголем акционер во „Фершпед“ кон крајот на минатата година по големите превирања во „Фершпед“. Тоа беше во периодот кога Кираца Трајковска поранешна долгогодишна заменик-генерален директор и трет најголем поединечен акционер на „Фершпед“ јавно го обвини семејството Накови (таткото Штерјо и синовите Драган и Сашо) за лошо менаџирање на компанијата при што најави борба за преврат за водство на шпедитерската компанија. Трајковска тогаш ги повикуваше малите акционери да се охрабрат и да ги продадат своите акции на нов инвеститор кој според неа ќе го извади „Фершпед од доминација на семејството Накови. Обидот на Трајковска заврши неуспешно, а по одредено време Комисијата за хартии од вредност издаде мерка за времена забрана на тргување на брокерското друштво преку кое Трајковска се обидуваше да ги придобие малите акционери да ги продадат своите акции во „Фершпед“. Трајковска беше еден од основачите на „Консталтинг инвестмент син“ со тоа што на новоформираната компанија ги пренесе своите 10,63 отсто од „Фершпед“. Тоа беше објавено и на информативниот систем на берзата на 26 декември 2013 година. Нејзе и се придружија уште неко други мали акционери и во „Консалтинг инвестмент син“ префрлија нивни акции со што тоа друштво при своето основање се стекна со 11,90 отсто од акциите со право на глас во „Фершпед“.  Тоа друштво во меѓувреме до крајот на мај годинава се стекна со дополнителни акции  и, според евиденцијата на Централниот депозитар за хартии од вредност, стана најголем поединечен акционер со 15,22 отсто од капиталот на „Фершпед“. Во овој период од евиденцијата на ЦДХВ се изгуби странскиот инвестициски фонд „Ист инвестор ЛТД“ кој дотогаш поседуваше 5,59 отсто од акциите во „Фершпед“. На негово место не видовме нови акционери , кои поседуваат над 5 отсто од капиталот, во јавната евиденција на ЦДХВ. Овој фонд, според неофицијални и непотврдени информации, ги продаде акциите на „Војводинска банка“ која се јави како купувач, но преку старателски сметки што значи дека купуваше за свои клиенти, но не за своја сметка. Токму заради тоа тие акции потоа исчезнаа од јавната евиденција заради тоа што завршиле на контата на акционери кои имаат помалку од 5 отсто од капиталот. Според последната состојба во јавната евиденција на ЦДХВ од 2 јуни годинава, покрај „Консалтинг инвестмент син“ најголеми акционери се браќата Накови: Драган со 11,83 отсто од акциите и Сашо со 11,04 отсто од капиталот. Трет по големина акционер со посед на 5 отсто е Драгослав Димевски, поранешен менаџер во „Фершпед“ и своевремено опонент на најдолговечниот директор Штерјо Наков, кој своите акции ги даде во наследство на неговите синови Драган и Сашо. Р.Ф.