ФИЛИПЧЕ: Никој не смее да биде одвратен од болница, наскоро ќе има и брзи тестови за ковид
Објавено во: Македонија 16 Октомври, 2020
На секој на кој
му е потребна брза дијагностика може веднаш да дојде во болница, тука има брзи
тестови, а исто така и на Институтот за јавно здравје. Секојдневно ги пратиме
термините, дополнително дополнуваме таму каде што се потребни, верувам дека со
брзите тестови ова значајно ќе се смени, изјави министерот за здравство Венко
Филипче за Сител ТВ.
Во однос на тоа дека се чека и по неколку дена за да се направи тестирање кое граѓаните го закажуваат преку своите матични лекари, министерот истакна ова би требало да се надмине откако ќе почне тестирањето со брзите тестови кои треба до крајот на месецот да ги имаме во Македонија.
Како што веќе претходно пишуваше Фактор, пунктот за брзите тестови за ковид ќе биде сместен во Поликлиниката Ѓорче Петров, а според директорот на Здравствен дом Скопје, д-р. Виктор Исјановски тестовите кои ќе чинат околу 1.000 денари ќе бидат од голема корист за граѓаните, бидејќи ќе може да ги направат без претходна консултација со матичен лекар.
-Кога ќе ги имаме брзите тестови за ковид, секој од граѓаните кој чувствува извесна здравствена потешкотија, некоја покачена температура, кашлица, се она што на некој начин упатува на корона вирусот, може без претходна консултација со матичен лекар, да дојдат во пунктот за тестирање во Поликлиниката Ѓорче Петров, да дадат 1.000 денари и да кажат дека сакаат да направат брз тест, изјави пред десеттина дена д-р. Исјановски.
Инаку, вчера министерот Филипче најави донација на 7500 кои треба да дојдат во наредните десетина дена, а исто така ќе се набавуваат и со заем од Светска банка.
А.Б.