29 Септември, 2024
0.0408

ФИНАНСИСКА КОНДИЦИЈА: Банките во плус, компаниите едвај се одржуваат!

Објавено во: Анализа 23 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Полугодишните извештаи покажаа благ пад на приходите кај генерално повеќето од компаниите кои котираат од берзата, но добри резилтати прикажаа двете од три покрупни банки. Еве кус преглед на некои од позначајните компании со линкови од поироките анализи што ги подготви Фактор. Намалени приходи од продажба има кај „Фершпед“, „Лотарија на Македонија“ и „Сковин“. Единствен од акционерските друштва во групата раст на приходите има „Хотели Метропол“. Добивката на групата изнесува 100.000 евра што е 0,3 отсто од приходите од продажба! Групата „Фершпед“ изгубила една милијарда денари приходи во првите шест месеци годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните консолидирани неревидирани резултати објавени на Македонската берза. „Стопанска банка“ Скопје има профит од 819,6 милиони денари (13,3 милиони евра) на половина од годинава, покажуваат податоците од билансот на успех на таа банка. Најголемата банка ја зголемила речиси двојно добивката што ја имаше на крајот на минатата година. Добивката за полугодието достигна 83 отсто од износот на добивката на оваа банка за цела 2013 година. Најголемата охридска хотелиерска компанија „Хотели Метропол“ во вториот квартал ги зголеми приходите за 49,24 милиони денари ( 799.350 евра) во споредба со првите три месеци годинава, покажува неревидираниот биланс што компанијата го објави на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Според достапните податоци во првиот квартал годинава приходите на хотелите изнесувале 9 милиони денари, а на крајот на јуни тие достигнале 58,24 милиони.Споредбата на податоците покажува дека „Хотели Метропол“ имаат значајно подобри резултати и во споредба со првото полугодие лани. Макпетрол книжи загуба од 106 милиони денари за првите шест месеци во кои податоците покажуваат дека менаџерите многу повеќе внимание посветиле на кратење на расходите кои се намалени за 457 милиони денари во споредба со лани „Макпетрол“, најголемата македонска компанија за продажба на мало на нафтени деривати, во првите шест месеци изгубила 5 отсто од пазарот што во пари значи помали приходи за 490 милиони денари (7,95 милиони евра) во споредба со истиот период лани, покажуваат неревидираните неконсолидирани биланси што ги објави таа компанија. Најстарата и една од најголемите кондиторски компании во земјава „Европа“ за првото полугодие има профит од 100.000 евра, a по акција добивката изнесува 24 денари Познатиот македонски кондитoрски бренд прави профит од 555 евра просечно дневно во првите шест месеци годинава, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот биланс на успех на скопска „Европа“, најстарата македонска кондиторска компанија. Во споредба со истиот период лани добивката сега е преполовена и изнесува вкупно 100.000 евра. Дали „Европа“ по нивото на остварена добивка паѓа на ниво на ланец од слаткарници? Одговорот треба да го даде менаџментот на компанијата, а да го побараат акционерите. „Тетекс“ има оперативна загуба од речиси 1 милион евра Приходите од продажба на „Тетекс“ паднале за 22,1 милиони денари односно за 18 отсто во првото полугодие годинава во споредба со истиот период лани. Тие изнесуваат 102,8 милиони денари. Драстичен е падот на приходите од домашен пазар и тоа за 23 отсто или за 19 милиони денари. Кај приходите од продажба реализирана во странство падот изнесува само 5 отсто. Годинава приходите од продажба на домашен и на странски пазар се изедначени во билансот на Тетекс. Домашните продажби се 51,1 милион денари, а странската реализација е 51,7 милиони денари. „НЛБ Тутунска банка“ оствари добивка од 353,2 милиони денари (5,73 милиони евра) во првата половина годинава, покажуваат финансиските извештаи на едната од трите најголеми банки во земјава. Овој резултат значи добивка од 414 денари за акција што во однос на последната пазарна цена на таа акција изнесува потенцијален принос од 9,4 отсто. Во споредба со лани овој резултат на НЛБ е подобар за 21,4 отсто. Од билансот на успех забележливо е дека банката успеала да ги зголеми приходите од камати за 31 милиони денари во споредба со ланското прво полугодие и тие изнесуваат 1,64 милијарди денари. Нето приходот од камати за овој период е 998,2 милиони денари и во споредба со истиот период лани е подобар за солидни 128 милиони денари (над 2,1 милиони евра). Кај нето приходите од надоместоци нема некое значајно зголемување и тие изнесуваат 446,6 милиони денари.