Добивај вести на Viber
Струјата купена на слободниот пазар е повисока од регулираната што се уште ја плаќаат 140 компании во земјава, кои имаат над 50 вработени и годишен обрт од околу 10 милиони евра. Но, со одложувањето на новите пазарни правила за електрична енергија, Македонија ги крши препораките на Европската енергетска заедница според кои пазарот мора да се либерализира - за малите компании до 2012 година, а за домаќинствата до 2015 година.
Катерина Попоска
140 фирми во земјава повторно се спасија од обврската од 1 јануари 2013 година да почнат сами да купуваат струја на слободниот пазар. Добиваат нови шест месеци за да се “наштимаат“ околу примената на новите пазарни правила за електричната енергија кои до сега требаше да стартуваат од 01 јануари 2012 година, па подоцна беа одложени за јули, за сега одново да добијат ново пролонгирање.
Регулаторната комисија за енергетика по трет пат го одложува стартот на втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија поради неподготвеноста на компаниите на ваков чекор-операција која ќе ја раководи државната МЕПСО.
Струјата купена на слободниот пазар е повисока од регулираната што се уште ја плаќаат 140 компании во земјава, кои имаат над 50 вработени и годишен обрт од околу 10 милиони евра.
Според првичните најави повеќе од 140 индустриски потрошувачи од 01 јануари 2012 година требаше да се стекнуваат со статусот квалификуван потрошувач, што значи дека ќе можеа да набавуваат електрична енергија преку слободен пазар и да бидат член на балансна група на потрошувачи преку која ќе биде решен проблемот на балансирање на нивната потрошувачка. На барање на компаниите, примената на пазарните правила се одложува неколку пати. Поголемата либерализација на пазарот на електрична енергија ќе значи и балансирање на потрошувачката на струја на часовно ниво, наместо како досега на месечно ниво. Од Владата неодамна најавија и дека можно е да се интервенира во пенализирањето на компаниите во случај да отстапат од најавената и потрошена струја во текот на денот.
“Добро е што веќе се размислува за наоѓање решенија во поглед на балансингот на електричната енергија. Дефинитивно треба да се одложи часовното балансирање сè додека не се создадат вистински услови за негово имплементирање”, вели
Константинос Даскалакис, генерален директор на Фени индустри.
Но, со одложувањето на новите пазарни правила за електрична енергија, Македонија ги прекршува и препораките на Европската енергетска заедница според кои пазарот на електрична енергија мора да се либерализира - за малите компании до 2012 година, а за домаќинствата до 2015 година. Големите компании веќе купуваат струја на меѓународниот пазар.
Се работи ли , сепак, за политичка одлука?!
Според експертите, излегувањето на компаниите на слободен пазар ќе значи и крај на практиката цената на струјата да биде социјална категорија. Дел од компаниите кои доминантно работат на струја стравуваат дека тоа ќе ја загрози одржливоста на бизнисот. Додаваат дека во време на намалена ликвидност, слаба конкурентност, намалени нарачки од странство, зголемувањето на цената на струјата драстично ќе им го поскапи работењето. Велат дека ако купуваат струја на слободниот пазар, ќе им се зголемат трошоците за најмалку 15%. Тоа автоматски го загрозува проектираниот економски раст од 2% за 2013 година.
Дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија и за малите фирми ќе биде сериозен удар неодамна потврди и вицепремиерот за економски прашања,
Владимир Пешевски.
“Можно е определени измени во делот на либерализација на пазарот на електрична енергија да доведат до зголемување на цената на струјата, пред сè за претпријатијата. Либерализацијата на регионалниот енергетски пазар, обврска што Македонија ја презеде со стапувањето во енергетската заедница, во определени сегменти ќе донесе придобивки, како што е привлекувањето повеќе странски инвестиции во оваа област. Но, тоа значи и дерегулација на цената, односно наредните години може да се очекува притисок за зголемување на цената на струјата“, неодамна изјави Пешевски.
Дел од компаниите признаваат дека во моментот не се подготвени да излезат на нерегулираниот пазар, кој нуди поскапа струја.
“Во нашите трошоци струјата учествува со над 60%. Либерализацијата ќе значи и поскапа струја, но ако целта ни се ЕУ и европските пазари, мора полека да се адаптираме на условите, не одеднаш. Ние како компанија се подготвуваме за либерализацијата. Колку што можеме ќе вложиме во заштеда на енергија“, вели
Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на Витаминка од Прилеп.
Од кумановската фабрика за челични конструкции Стилкон пак, сметаат дека е можеби подобро побрзо да се отвори пазарот за електрична енергија, затоа што тогаш ќе склучуваат годишни договори со трговците, кои не мора да значат и поскапа струја.
Пресметките на Стопанската комора покажуваат дека струјата има најголемо учество во цената на производот во прехранбената индустрија (10%). Во металната индустрија и во електроиндустријата има учество од 3%, а во текстилната, дрвната и во индустријата за хартија од 2%.