Фитнес центрите забранети, гужви на справите на отворено
Објавено во: Македонија 28 Април, 2021
И покрај укинувањето на дел о дрестрикциите и намалувањето на траењето на полицискиот час, согласно препораките на Комисијата и од денеска останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Исклучок од оваа забрана се оние компании од овие дејности кои можат работата да ја организираат на отворено со примена на мерките за лична заштита.
Овие објекти беа затворени и до сега, односно за нив имаше забрана за работа и во претходните три недели. Оваа ситуација ги наведе граѓаните кои сакаат да вежбаат, тоа да го практикуваат на справите за вежбање кои се поставени во неколку паркови низ градот како и по должината на Кејот на реката Вардар. И не само што има луѓе во некои денови, особено кога времето е убаво и топло попладнето на поставените справи има доста гужва.
Новите мерки важат до 15 мај.
Инаку вчера полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода И.И., М.Н. и И.А.(сопственик) кои биле затекнати во теретана на улицата Емил Зола во Скопје и покрај забраната за работа на вакви објекти.
Објектот е пломбиран од страна на инспектори од Државен пазарен инспекторат, а по насока на јавен обвинител лицата се приведени.
Во изминатиов период, а поради затворените угостителски објекти имаше доста луѓе и по парковите.
Од денеска сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот после што ќе бидат затворени за посетители.
Оние компании од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.
Почнувајќи од 28 април престанува да важи забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
А.Т.
ФОТО: Вангел Тануровски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.