(ФОТО) Одбележана 12 годишнината на градежната компанија Адора инженеринг
Објавено во: Мои пари 27 Декември, 2014
Во 2014-та година Адора инженеринг оствари рекордна продажба на 302 станови, што е за 11 % повеќе од 2013-та година, беше соопштено на корпоративната прослава на 12 годишнината на компанијата во Александар Палас во Скопје. Пред претставниците на МПЦ, државната и локалните власти, деловните партнери, купувачи и пријатели на Адора инженеринг, беа промовирани книгата „Можеш и ти“ од авторот проф. д-р Венко Андоновски и фондацијата ПРОФ. Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ.
Сопственикот и ген. дир. на Адора инженеринг проф. д-р Ванчо Чифлиганец порача дека се што замислил и остварил во животот, издигнувајќи ја Адора инженеринг последните пет години меѓу 25-те најуспешни компании во Македонија и градежен лидер, феномен во Европа и светот. „Почнав со само еден, стигнав до 300 вработени, почнав со 1.000 м³ бетон, завршив со 120.000 м³ бетон, почнав со 2.000 тони, завршив со 100-тина илјади тони железо, почнав со 40 станбени единици, завршив со 1.600 изградени станови“.-истакна д-р Чифлиганец, кој порача дека за успешен бизнис треба да се визија и целосна посветеност на работата, врз што влијае и поволната бизнис клима во државата. Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан порача дека по изградбата на многу објекти во Македонија и православниот храм Свети Јован Крстител во Скопје, со формирањето на фондацијата ПРОФ. Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ, основачот вложува во македонскит таленти, во образованието, во оние на кои им е потребна помош и подадена рака.
Академик д-р Владо Камбовски, претседател на МАНУ и главен рецензент на книгата „Можеш и ти“, истакна дека таа е романизирана биографија на животниот пат и дело на проф. д-р Ванчо Чифлиганец, неуморен неимар кој смислата и целта на сиот свој живот ги сосредочил во една централна точка-создавање, потврдено со многу признанија како најдобар студент, најмлад доктор по геолошки науки, универзитетски професор и најуспешен стопанственик со највисоки европски признанија.
Авторот на „Можеш и ти“ проф. д-р Венко Андоновски порача дека овој животопис е посветен на човекот со големо „Ч“, кој не се предава никогаш и е еден од најзаслужните луѓе за државотворноста, за бизнисот, за спортот и за општата еманципација на Република Македонија во светот.
Сите приходи од продажбата на книгата „Можеш и ти“ одат за хуманитарни цели во фондацијата ПРОФ. Д-Р ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ.
На прославата на 12 годишнината на Адора инженеринг, беше извлечен добитникот на вредната награда автомобил Фолксваген ПОЛО, Тони Крстев од Скопје, купувач на стан од овој градежен бренд во Охрид во 2014-та година.