Современите диктатори доаѓаат на власт со демократски избори!
Објавено во: Колумни 27 Јануари, 2025
Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, неговите изјави и први потези, изминативе денови беа, а и ќе продолжат да бидат анализирани и толкувани од многу квалификувани луѓе за тоа. Погорниот наслов е позајмен од една статија на Руската служба на BBC на тема „Што ја чека демократијата при Трамп?“. Иља Матвеев, од Калифорнискиот универзитет во Беркли, инаку прогласен за странски агент од руското Министерство за правда, објаснувајќи некои потези на Трамп, изјави дека: „ Современите диктатори доаѓаат на власт не како резултат на воен удар, туку на демократски избори. Путин, исто така победи во 2000 година на избори, при чесно броење на гласовите“. Според Матвеев десните сили се „носители на антидемократски тенденции“. Оттука ним „Реакционерната демагогија им помага да добијат пристап до лостовите на моќта, кои ги користат за да создадат предности за себе во политичките процеси и намалување на демократијата. Унгарија на Виктор Орбан е одличен пример“.
Вчера во Белорусија се одржааа избори за претседатетел. Во очекување на официјалните резултати слободно може да се каже дека Александар Лукашенко по седми пат од 1994 година, ќе ја возглави Белорусија. Тоа го потврдија и податоците од излезните анкети. Од изборените гласови доцна синоќа засега тој освојува над 86-7 процнти од гласовите, при излезност од 85,7 проценти. Лукашенко на Западот едни го нарекуваат „авторитарен лидер“, а други „диктатор“. На изборите учествуваа пет кандидати. Четворицата соперници на Лукашенко, како и што беше очекувано, повеќе беа „топовско месо“, отколку реални кандидати за победници на изборите.
И нормално во таква констелација уште при непочнати избори Западот се нафрли со бран критики кон изборите и власта во Белорусија. Два дена пред заминувањето од функцијата државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека во „„сегашната репресивна ситуација“ гласањето не може да биде слободно и праведно. „Системските напори на режимот на Лукашенко да го потисне секое друго мислење го одреди исходот на изборите, долго пред да се пуштат гласачките ливчиња, лишувајќи го белорускиот народ од можноста да ги избира своите лидери и да ја одреди својата иднина“, рече тој во изјавата.
ФАРСА И ИМИТАЦИЈА
Лукашенко не беше поштеден ниту од Европскиот парламент, ниту од ЕК. Парламентот минатата недела усвои Резолуција. Во неа се потврдува непризнавањето на Лукашенко како претседател и нелегитимноста на белорускиот режим. Се дава непоколеблива поддршка на белорускиот народ во стремежот за демократија, слобода и човекови права. Има и повик за воведување нови санкции кон Минск. И за ЕУ изборите не беа слободни и демократски. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас и комесарот за проширување, Марта Кос, во вчерашното соопштение велат дека ОБСЕ и ОДИХР биле поканети во Белорусија само десет дена до изборите, „што му попречило на тој независен орган да добие пристап до клучните етапи на избирачкиот процес“. Во Варшава протестираа Белорусите во емиграција. За нив изборите беа „фарса и имитација“. Светлана Тихановскаја, првиот човек на опозицијата во егзил, изјави дека не станува збор за избори, туку за „специјална изборна операција“ за незаконско задржување на Лукашенко на власт.
Последните избори за претседател на Белорусија беа одржани на 9 август во 2020 година. Тогаш според централната изборни комисија, Лукашенко освои 80,1 проценти од гласовите, а неговата соперничка, кандидат од опозицијата, Светлана Тихановскаја, 10, 1 проценти. Во нејзиниот штаб не ги признаа резултатите од изборите и укажуваа на масовни фалсификати. Тоа доведе до масовни протести. Работите не се променија, а дел од опозицијата мораше да ја напушти Белорусија, по своја или по волја на власта. Друг дел завршија во затвор.
Во деновите и месеците пред изборите, за време на кампањата, Лукашенко помилува над 200 политички затвореници. Тој беше обвинуван од Запад дека во земјата има голем број политички затвореници. Најверојатно да го намали притисокот од Западот во тој поглед, Лукашенко се одлучи да ослободува политички затвореници, но во затворите има уште многу. Тој ослободи и една американка, која што беше затворена уште во времето на Џо Бајден. Од Стејт департментот, државниот секретар, Марко Рубио, на мрежата Х соопшти дека Белорусија еднострано ја ослободила американката Анастасија Њуфер. Тој, без да наведе детали, соопшти дека „Крис Велбисмит од нашиот тим, направи голема работа во таа насока. ДО МИР СО СИЛА“. Не е јасно дали имало закани со сила или не, но јасно е дека имало белоруско-американски дијалог за затвореничката“. И можеби не случајно, како што пренесоа некои медиуми, од сајтот на Стјет департментот по доаѓањето на Трамп, беше отстранета изјавата на Ентони Блинкен за изборите во Белорусија, дадена пред неговото заминување од должноста.
ЧУВАР НА МИРОТ И СТАБИЛНОСТА
Потезите на Лукашенко со ослободувањето на затвореници се толкуваaт и како обид за дијалог со Западот. Но некои негови критичари, сепак, признаваат дека Лукашенко последниве години се претставува како чувар на мирот и стабилноста, посебно со оглед на војната на Русија против Украина. Па дури се тврди дека тој сега има многу поддршка од оние кои биле против него во 2020 година, но кои сепак се проруски ориентирани. Исто така дека Белорусија има се помалку суверенитет. Но од друга страна земјата има економска полза од односите со Москва, пред се’ од увозот на евтин гас и нафта, како и поддршката што ја дава на руската воена индустрија. На тој начин донекаде ги ублажува последиците од западните санкции воведени поради политичката репресија и поддршката на руската инвазија на Украина.
Што може да се очекува од Лукашенко од денес, па натаму. Ако е суди според она што вчера го зборуваше пред новинарите, а и некои негови поранешни ставови. Прво, тој е гласен дека сеедно му е дали Западот ќе ги признае изборите, а и за соопштенијата од ЕУ. Тој има прашање до ЕУ, зошто не кажуваат ништо за американските избори? А не да ползат пред САД, наместо да бидат принципиелни. Но, сепак како да не му е сеедно дали САД ќе премолчат или ќе кажат нешто за изборите. Па во изјавите е помек кон нив. Нему му е јасно дека нема што да преговара со опозицијата. Од причина што од неа не зависи ништо во земјата. А опозицијата е во странство. И таму ќе чека нови избори. Во поглед на оценките за демократичност, Лукашенко нема ништо против да се изработат критериуми за тоа што е демократија. И според тие критериуми да се оценуваат и САД, и Британија, и Брисел и Минск. А не едни да важат за Белорусија, а други за другите.
Белорусија и Лукашенко, секако, се на тапет на Западот и поради поддршката на Русија во војната со Украина. Во поглед на тоа дали ќе има нешто ново околу војната, Лукашенко смета дека нешто ќе се разврзе. А тоа не значи дека конфликтот ќе заврши. Но сепак очекува годинава да се појави светло во тунелот. Тоа би било можно со некој „нелогичен“ чекор на Трамп за мир во Украина. Шансите за такво нешто се 50:50. Тој повеќе очекува Американците да работат на тоа, Русија и Белорусија да не се чувствуваат добро. Што се однесува, пак до некаков компромис, Лукашенко смета дека до прекин ќе дојде на линијата на фронтот, а потоа преговори. Украинскиот претседател смета дека треба да биде дел од преговорите за Украина. При ова, тој поаѓа од две прашања. Интересите на Белорусија и безбедноста во регионот. Од доаѓањето на Трамп, тој не очекува ништо посебно.за промена на ситуацијата во регионот. Смета дека е погребно спокојно однесување. Како Кина, на пример или Турција. Во Минск не очекуваат подароци од САД, но сакаат да соработуваат. Конечно тој е за „нуклеарен чадор“ кој би го заштитил од нуклеарен „дожд“. Да служи за одвраќање. А за тоа, за безбедноста, најважна е Русија и соработката со неа.
Што ќе биде со белоруската демократија? Ништо посебно, како секој победник на избори, така и Лукашенко ќе гради демократија, како што му одговара. Еднаш даде една изјава. Рече:„ Остави ги нека зборуваат дека кај нас има диктатура, уште што не друго. Слушајте, подобра таква диктатура, како во Белорусија, отколку таква демократија, како во Украина. Треба да издржиме, Никако не треба да одиме од една крајност во друга“. Независно дали тоа одговара на критериумите на Западот. А и тие критериуми сега, после изборот на Трамп и неговите настапи, некој од Западот треба да ги провери на трајност. Колку потезите на Трамп се „демократски“, а колку „диктаторски“. Ако се второво, тогаш Лукашенко има право да се потсмева на ЕУ. Пред се’, за нејзиниот молк околу она што го прави и презема новиот американски претседател. Да видиме, на пример, како ќе одговори ЕУ на уцените и заканите на Трамп спрема Колумбија. Или за однесувањето на неговото опкружување. Да не излезе како, што ми пиша еден другар деновиве, дека во тек се „процеси видени минатиот век во Германија и во Италија“. Како да се малку актуелните војни во светот.
Мирче Адамчевски