(ФОТО) Стајковци повторно се поплави, улиците станаа езеро
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2016
Скопско Стајковци повторно плива во вода.
Предупредувањата на метеоролозите не допреа до надлежните а местото кое беше најпогодено во августовските поплави, денеска повторно е поплавено.
На социјалните мрежи веќе почнаа да се споделуваат и фотографии од тоа каква е состојбата на терен.
Граѓански активисти алармираат до власта да престане да се задолжува и да почне да ги решава реалните проблеми на граѓаните.
Павле Богоевски на социјалните мрежи реагира дека и покрај задолжувањата на власта, поплавените семејства не добија соодветно обештетување, а ја обвини владеачката партија дека си свирка и си чека избори.
„ДПМНЕ ја задолжи нашата држава со дополнителни 36 милиони евра за штетите од поплавите. Со тие пари: Се исплаќа минимални средства за обесштетување, кои не ги покриваат ниту основните трошоци. Исплатени се помалку од четвртина од оштетените. Не се санира каналската мрежа. Се вршат исплати по партиска линија. Парите се користат за финансирање на фирмите блиски до партијата, преку договори во четири очи.
Освен очигледниот проблем на злоупотреба на нашите пари и финансирање на нивните соучесници пред избори, ние имаме многу поголем, поургентен проблем: оваа партија и нивните фирми НЕ СЕ СПОСОБНИ да го заштитат населението. Го игнорираат ризикот за повторување на штетите поради уништената инфраструктура и заситената почва. Едноставно си крадат, си свиркаат и чекаат избори“, напиша Богоевски.
Од групата на Фејсук каде што граѓански здруженија, граѓани и активисти организираа помош во август , може да се најдат информации дека состојбата на терен не е многу добра.
Граѓаните пишуваат дека се движат во чизми и дека вода имало на некои места и до колена, а дека дождот не престанува да врне и да им сее страв дека 6-ти август може да се повтори.