(ФОТО) ВОЗАЧИ НЕ БРЗАЈТЕ: Застој на правецот Скопје-Велес пред тунелот Катланово
Објавено во: Мои пари 28 Декември, 2014
Дефинитивно снегот ги изненади патниците и предизвика застој на патниот правец Скопје-Велес пред тунелот Катланово поради сообраќајна незгода.
Таму сообраќајот е запрен за сите видови на возила, и движењето се одвива отежнато и забавено во долга колoна.
Од АМСМ исто така информираат дека во прекин за сите возила е и сообраќајот на патниот правец Охрид-Кичево кај Пресека додека на патнитe правци Тетово - Попова Шапка, Маврово - Дебар - Струга, Струга - г.п. Ќафасан, Крива Паланка - г.п. Деве Баир, на планинските премини Стража, Буково и Ѓавато поради големи остатоци од снег, има забрани за движење на тешки товарни возила. Забрани за тешки товарни возила има и на регионалните патни правци Тетово-Брвеница-Чегране-Гостивар, Сарај-Тетово, Тетово-Пирок-Гостивар, Теарце-Јегуновце-Радуша и Желино-Јегуновце. На патниот правец Тетово – Јажинце е задолжителна употреба на зимска опрема за сите видови на возила. На патниот правец Вратница – Јажинце, поради силен ветар и наноси од снег на коловозот, не се препорачува движење на тешки товарни возила.
Останатите коловози ширум земјава се покриени со остатоци од снег затоа се препорачува користење на потребна зимска опрема за возилата и исклучително внимавање за возачите.
Исто така да напоменеме дека поради обилните врнежи на снег во моментов неколку автобуски линии на ЈСП функционираат со скратена траса: 11 (до пругата во Ѓорче Петров), 47-а (до обиколница), 51 (до мостот пред село Моране), 56 (до Расадник), 58 (до Кисела Вода), 58-а (до Кисела Вода), 60 (до с. Глумово), 61 (до каменолом), 64 (до Волково), 65 (до Црешево), 70 (мост кај Батинци), 74 (до Долно Количани), 81 (до Чучер Сандево), додека автобусот кој сообраќа од Транспортниот центар до Средно Водно е целосно прекината.
(Фото: Фејсбук-Сид на сообраќајниот срам)