01 Декември, 2024
0.1061

Француски трилер со Павел Дуров, соосновачот на Телеграм

Објавено во: Колумни 26 Август, 2024

Добивај вести на Viber

Во предвечерието во саботата на францускиот аеродром Бурже започна трилерот во кој главната улога ја имаат , Павел Дуров, сосновачот на месенџерот Телеграм и француските специјални служби. Дуров француско-руски државјанин, кој своевремено избега од авторитарниот руски режим, го ставија во затвор „демократите“ во Франција. Речиси за иста работа. Во Москва Дуров не сакаше да соработува со специјалните служби, а истото го правеше и со било кои други служби. Француски, американски или други. Денес, најверојатно ќе излезе пред судија, а најавено е и официјално соопштение за сомненијата поради кои е уапсен. Инаку по Дуров, кому Французите му дадоа државјанство во 2021 година, бил распишан налог за апсење, но бил активиран кога приватниот авион слетал од Азербејџан на Бурже.

Кои се фактите во трилерот? Следејќи ги француските медиуми излегува дека Дуров е уапсен поради нарушување на правото во Телеграм. Барањето за претрес е издадено од Одделот за борба против кривични дела против малолетници. Тој, исто така, може да се соочи со обвиненија за тероризам, трговија со дрога, измама и перење пари. Сето ова поради тоа што немало силна модерација на содржините на Телеграм, не соработувал со специјалните служби, што го претворило месенџерот во “расадник со криминални содржини“, а исто така и „платформа број еден за организиран криминал“. Според француските медиуми, француските власти се надеваат дека случајот со Дуров ќе помогне да се засили притисокот врз други европски земји да се добие достап до шифрираните пораки во делата за тероризам. Значи клучен е клучот! Низ цел свет има потрага по клучот за дешифрирање на пораките и преписките во Телеграм. А Дуров упорен – засега не го дава или не ги дава клучевите, ако се повеќе. Па затоа ќе биде интересно како ќе заврши се’ ова.

Во меѓувреме Русија преку амбасадата во Париз побара заштита на Дуров и на неговите права, но Париз „бега“ од соработка соопштија дипломатите. Во меѓувреме на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат постови со хештагови #freeDurov и #freePavel. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова објави список на невладини организации, кои во 2018 година барале од руските власти „ да не ставаат пречки“ во работата на Телеграм, и ги праша дали и сега ќе се застапат за заштита на уапсениот во Фанција коосновач на Телеграм. Од 26 организации таа гои спомна „Хјуман рајтс воч“, „Амнести интернешенл“ , „Репортери без граници“, „Комитетот за заштита на новинари“, како и неколку писма од претставникот за медиуми на ОБСЕ. Таа додаде дека за целотот тоа време Дуров бил на слобода, продолжувајќи да го развива Телеграм.

ПРЕТРЕСИ И ПРИТИСОЦИ

Експерти и адвокати даваат свои видувања на ново настанатата ситуација со Дуров. Па се вели дека во Франција секој оператор со комуникациски врски мора да им дава на властите достап до податоците на определени телефонски или информациони системи. Тоа од една страна, но од друга е европското и француско право, кое зборува за слободата на изразување, на приватност... Некои во целата оваа работа ја споменуваа криптовалутата ТON,  која загуби 20 проценнти од вредноста по апсењето на Дуров, а во сето тоа да се замешаат и Американците со кои Дуров своевремено имаше проблеми околу пуштањето на криптовалутата GRAM. Па во целата работа може  да се замешаат и тие. Инаку има коментари дека апсењето на Дуров е направено во соработка за специјалните служби на САД и НАТО. Но за замешаност, посредно, има намек и на „Гугл“ и „Ејпл“

При ова се дават делови од интервјуто на Дуров со новинарот Такер Карлсон во април годинава.Во него Дуров вели дека идејата за Телеграм му дошла по претресите и притисоците од руските служби поради тоа што не сакал да ги тргне опозиционите групи во социјалната мрежа „ВКонтакте“. Па заради безбеден начин за комуникација, со шифрирање од крај до крај, се решил за месенџер. Кодот го направил  брат му. За озборувањата дека Телеграм е под контрола на руските власти, Дуров вели дека тоа го прават конкурентите „Гугл“ и „Ејпл“, бидејќи расте публиката на Телеграм. И тоа без долар за маркетинг , па очекуваат до крајот на годинава да имаат една милијарда корисници.

Дубаи како седиште Дуров го одбрал, откако поради бирократијата не сакал да оди во Сингапур и Берлин, а исто така во Германија не можел да најде добри програмери, а од странство било тешко да се вработат. Дуров сакал да работи во САД, но во Сан Франциско бил цел на грабеж и истепан при тоа, а посебна приказна биле специјалните служби-FBI. Тие се обиделе да врбуваат еден од неговите инженери за да може од далечина да добијат достап во месенџерот. А и тој самиот неколку пати бил убедуван за соработка со американските специјалци. Оттука и заклучокот дека најдобро е да не патува во големи држави, „големи геополитички играчи“, на пример САД, Кина, Русија. Од причина што тие имаат зголемен интерес за Телеграм, а платформата сака да остане неутрална. Токму тоа е голем проблем, бидејќи денес има големи притисоци да се заземе страна.

МАКРОН ЗЕМА ЗАЛОЖНИЦИ

Дуров на Карлсон му раскажа дека во САД, после 6 јануари, кога беше нападот на Капитол, во Телеграм добиле писмо од конгресмен-демократ со барање да му се дадат сита податоци за „бунтот“. Правниците на Телеграм ги посоветувале да го игнорираат писмото. Но во писмото пишувало дека ако не одговорат на барањето тоа ќе биде нарушување на американскиот Устав или нешто слично. Но само по две недели добиле ново писмо, овој пат од конгресмени-републиканци. Демек, ако се согласите да давате било какви податоци од претходното барање, тогаш ќе го нарушите Уставот на САД, напишале републиканците. Ова биле меки притисоци. Но за Дуров, главно, притисокот доаѓа не од владата на САД, туку од „Ејпл“ и „Гугл“. Тој вели дека :„ Во поглед на слободата на зборот тие два платформи можат, во суштина, да цензурираат се“, што може да се прочита со помош на смартфон.

Во очекување од реакции од невладините организации или медиумски работници од Западот, чест на исклучоци, се јави Едвард Сноуден, бившиот соработник на американските специјални служби, кој стана познат по откривање на тотално следење од американските специјални служби низ комуникациите ширум светот. На социјалната мрежа Х тој напиша:„ Апсењето на Дуров е посегнување по основните човекови права, на слободата на изразување и здружување.  Изненаден сум и длабоко тажен што Макрон се спушти до ниво на земање заложници, како начин да се добие пристап до приватните комуникации. Ова ја понижува не само Франција, туку и целиот свет“, напиша Сноуден. Илон Маск, пак, апсењето на Дуров го нарече „убедлива реклама“ на првиот амандман на Уставот на САД, кој гарантира слобода на изразување. Тој додаде дека „во 2030 година луѓето ќе ги казнуваат за лајкнување на меме“. За Дуров се застапи и Такер Карлсон. „Павел Дуров денес седи во француски затвор, служејќи како живо предупредување за секој сопственик на платформа, кој одбива да ја цензурира вистината по налог на владите и разузнавачките агенции. Темнината брзо паѓа врз некогашниот слободен свет“, напиша Карлсон на мрежата X на Илон Маск.

Други сметат дека апсењето на Дуров нема да ја ограничи слободата на изразување во  Франција, но тоа директно се однесува кон борбата со криминалот. „Неговата не соработка со ФСБ(Руската федерална служба за безбедност) во полза на слободата на говорот, за жал, се неутрализира со неговата не соработка со никого, за да се спречи во целост користењето на Телеграм за се’ што е ужасно. Тоа беше негов избор. Беше ли можно да се прави едното и да не се прави другото?“, внимателно праша познатиот истражител на руската стварност, Христо Грозев, и прикачи на својот твит скриншоти од канали во Телеграм, за да покаже дека навистина правозаштитни органи би можеле да постават некои прашања.

КУЛМИНАЦИЈА НА ТРИЛЕРОТ

Реакција стигна и од Кина. За Западот Дуров не бил криминалец, кога неговата платфора ја користеле активисти за независен Хонг Конг. А Телеграм не сакал да соработува со  властите на Хонг Конг. „Меѓутоа, кога Телеграм стана платформа за француските демонстранти, платформа за мобилизација на протестите на британската десница, веднаш се претвори во криминалец“, пишува блогерот Сјуи на Weibo. Маск, пак, тврди дека Марк Цукербег, основач на Meta. нема да го затворат како Дуров, бидејќи тој им дава на властите информации за корисниците на социјалната мрежа.„ Во Instagram има голем проблем со експлоатација на деца, но Цук нема да го затворат, бидејќи тој ја ограничува слободата на изразување и им дава на властите таен пристап до податоците на корисниците“, напиша Маск на Х.

Коментар на апсењето на Дуров имаше и тимот на Телеграм . Во јавното обраќање тие нагласија: „Дуров нема зошто да крие и често патува низ Европа. Апсурдно е да се тврди дека платформата или нејзиниот сопственик е одговорен за злоупотребите на таа платформа“. Исто така, објавено е дека Телеграм „ги почитува законите на ЕУ, вклучувајќи го и Законот за дигитални услуги - неговотомодерирање (на Телеграм) ги исполнува стандардите и постојано се подобрува“.„Очекуваме брзо решавање на оваа ситуација. Телеграм е со вас“, додадоа во соопштението од тимот на месенџерот.

Кулминција на трилерот со Дуров и Телеграм настана, кога во игра се вклучи неодамнашната посета на рускиот претседател Владимир Путин на  Азербејџан. Особено кога се дозна дека тоа време во Баку бил и Павел Дуров. Телеграм каналот Baza напиша тие денови дека Путин одбил да се состане со Дуров. Но доаѓаа и информации дека сепак разговарале. Едни медиуми велата еден час, други само пет минути. Демек, колку да му биде претставен на Путин. Други луѓе од Администрацијата на Путин имале подолг разговор со Дуров. Но без размена на предлози и уште помалку ултиматуми. Оние што тврдат дека сепак имало краток разговор меѓу Путин и Дуров, пишуваат дека косопсвеникот на телеграм му објаснил на Путин дека  месенџерот нема да ги блокира каналите од политички мотиви. Но е подготвен да соработува околу борбата со тероризмот. Путин, наводно, се интересирал за тоа дали во критични моменти за државата телеграм да се исклучи во земјата, во регион или во град. Дуров одговорил дека се работи врз таква функција и дека Администрацијата на претседателот ќе биде известена кога таа ќе биде готова. Сето погоре околу Путин и Дуров треба да се земе со резерва.

ДИРЕКТНА УЦЕНА

Во насока на соработка Русија Телеграм, и едно гледање на правникот од Москва Александар Хамински. То јвели дека за апсењето на Дуров има две верзии. Официјална и работна. Според официјалната Дуров го обвинуваат за помагање во нарко трговија, педофилија и тероризам. Бизнисменот не го искористил Телеграм за ограничување на меѓународниот криминал. Но Хамински вели дека вакво обвинување може да се даде и на производителите на смартфони, со кои, покрај обичните луѓе се користат и криминалците. Оттука, според него повеќе внимание заслужува втората верзија.„Француските разузнавачки служби се сомневаат дека Павел Дуров ги слушал разговорите на францускиот претседател Макрон и ги гледал неговите пораки, додека користел безбедни канали на Телеграм. Покрај тоа, француските правозаштитници веруваат дека Дуров го посетил Азербејџан за да му пренесе тајни информации директно на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше таму на гости“, вели Хамински. Тој смета дека во однос на Дуров се работи за директна уцена. Ако се откаже да соработува со француските специјални служби му се заканува затвор од 20 години. Хамински верува дека би можело одново да се зборува за некаква размена на затвореници. Се разбира доколку Дуров не ги даде клучовите за дешифрирање на Телеграм.

Што се’ не е вклучено во настаните со Дуров. Од она што исплива деновиве може да се каже дека се работи и за политика, и за специјални служби, и за медиуми, за заговори, за пресметки меѓу комуникациски мрежи... Телеграм досега, за разлика од американските платформи, кои беа критикувани за комерцијално користење на личните податоци на корисниците, се придржуваше до ветеното. За тајност на податоците на корисниците и на нивните соопштенија. Европа во меѓувреме донесе нови закони за он лајн содржините, но Телеграм не попушта пред опасноста од државно модерирање. Има најави дека она со кое сега се соочи Телеграм, утре може да го снајде и (Твитер)-Х. Може ли да се случи и Маск еден ден да биде уапсен под изговор дека не почитува некои закони?

Од се’ погоре кажано, едно е јасно. Западот има намера жестоко да ограничува канали за комуникации, кои не се под негова контрола. Со тоа се доближува кон државите кои за него се недемократски, односно авторитарни и тоталитарни. Кина и Русија на пример. Маск не случајно вели „ќе казнуваат за лајкови“. Сега Русите ќе си го постават прашањето дали Дуров ќе му ги даде клучовите за дешифрирање на Западот. А Телеграм има голем број корисници во Русија и во Украина, но и ширум светот. Украина  скоро бараше блокирање на Телеграм. Дали ќе се оди на уништување на Телеграм? Ние имаме искуство кај нас со уништувањето на телевизијата А1. Авторитарниот Никола Груевски, прво и даде жолт картон, а потоа го уапси сопственикот Велија Рамковски, членови на неговото семејство и соработници. По ова телевизијата падна во заборав. Дуров во многу интервјуа имаше изјавувано дека има страв од специјалните служби. И сигурно неговиот тим има подготвени резервни аеродроми каде што ќе може да се спуштат безбедно после големите бури. А Западот веројатно нема да појде на апсење на целиот тим на Телеграм.

Се наметнува заклучокот дека Павел Дуров и Телеграм не ги сака никој. Дека секој би ги “удавил“ во капка вода. Зошто? Затоа што тој е еден и единствен кој сака да биде независен, да не потпаѓа под државен терор. Избега од Русија од специјалните служби, од исти причини не остана во Америка, ниту во Европа, а да не зборуваме за Кина или други држави...Има ли иднина за него и за неговото комуникациско чедо? Многу зависи од тоа како ќе го „спакуваат“ Французите. А епилогот ќе го чуеме денеска. Поточно треба да го чуеме. Од устата на претставниците на француското правосудство. А може работите да се одложат малку. Да у се покаже на Дуров дека францускиот затвор е комфорен, па наместо две, да се остане четири деноноќија. Што ќе значи дека и со обвинението работите не одат така лесно. 

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.