Гасификацијата на Македонија не мрднува од мртва точка, поништен е тендерот за физибилити студија!
Објавено во: Македонија 20 Март, 2013
„Ова значи дека задача на Проектната програма е да се предвидат колку е можно подетално сите натамошни чекори за проектирање, инвестирање и изведба на дистрибутивните гасоводи. Потребна е анализа на регионалните услови за развој на дистрибутивната мрежа на гасоводниот систем од економски и технички аспект, анализа и предлог за начин на развој и доизградба на дистрибутивните мрежи на гасоводниот систем имајќи ги предвид законските, институционалните и политички услови во државата, како и да се испитаат можностите за поврзување на дистрибутивните гасоводи кон магистралните гасоводни правци кои се изведени, ќе се изведуваат или се проектирани кај нас, за согледив период од 20-30 години“, пишува во тендерската документација за проектот.Владата и прецизираше кои компании и експерти можат да ја изработат оваа физибилити студија. Од понудувачите бараше да имаат најмалку 5 изработени студии за гасификација со слична содржина и обем во последните 5 години (од кои најмалку 2 треба да се со меѓународно искуство), во последните 5 години да има искуство во проектирање на гасни инсталации (нископритисни гасоводи и гасни инсталации во индустрија), најмалку 10 проекти за што како доказ треба да достави потврди од нарачател за квалитетно извршени услуги. Исто така, од потенцијалниот изработувач на оваа студија Владата бараше и доказ дека во фирмата работат најмалку 10 вработени од кои најмалку 4 машински инженери со овластувања А за проектирање од област “машинство“, 4 архитекти со овластувања А за проектирање од област “градежништво“, еден дипломиран геодетски инжинер со овластување А за проектирање од област геодезија и еден инжинер со овластување А за противпожарна заштита. Како услов за учество беше и фирмата понудувач да има минимален вкупен годишен приход од речиси 5 милиони евра (300.000.000 денари) за последните 3 години, за секоја година поединечно. Според информациите во тендерската докуменатција, Владата “во текот на 2013 година, согласно условите за компензирање на клириншкиот долг со Руската федерација, треба да започне со изградба делницата од Клечовце кон Кавадарци“. Поништувањето на постапката за изработка на физибилити студијата за развој на дистрибутивни мрежи на природен гас во Македонија укажува на фактот дека проектот најверојатно не оди со зацртаната динамика на Владата, иако пред само неколку дена министерот за финасии, Зоран Ставрески уверуваше дека приклучувањето на Македонија кон мега-проектот Јужен поток е во завршна фаза.
“Имавме посета во Москва при што беше извршено детално усогласување на договорот со „Газпром“. Од руска страна очекуваме сега да се ратификува, а потоа и од наша страна, така што сме во завршна фаза“, изјави минатата недела Ставрески, додавајќи дека ратификацијата на договорот зависи од рускиот партнер.Кога Македонија ќе добие крак од Јужен поток?! Нацрт спогодбата за вклучување на Македонија во овој проект беше доставена во јули минатата година. Македонија во гасоводниот систем ќе биде вклучена со крак, а не како транзит, одлука донесена од страна на руската компанија “Стројтранс гас“ која сметала дека ова е најизводливо и најекономично решение. Дополнително ќе се утврдува од каде ќе поминува кракот. Гасоводот ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, а останатите држави ќе бидат приклучени преку краците. Аналитичарите веќе подолго време алармираат дека Македонија не смее да заостанува зад регионот и дека гасификацијата мора да биде апсолутен приоритет. Оваа теза тие ја објаснуваат со фактот дека од нашите соседи, Србија и Бугарија, можат да прераснат во крстосници на Балканот кога е гасот во прашање. Наспроти ова, Македонија сè уште не фигурира во ниту еден регионален проект. Во земјава еден главен цевковод за гас доаѓа до Скопје, со крак до Бунарџик, а гас користат само 30-ина големи индустрии, наспроти реалноста во Европа каде што гасот е најевтин и широкодостапен енергенс.
„Ако земјава навистина сака да биде дел од Јужен поток треба трипати да ја зголеми проточната моќ на цевките кои планира да ги гради за гасоводот. Ако, пак, Македонија не биде дел од овој меѓународен транзитен коридор, утре ќе биде сосема спротивна ситуацијата - ќе треба гас да купуваме од Албанија. Албанија се споменува како земја каде што ќе бидат големите станици за течен гас“, вели за Фактор познавач на состојбите, кој до сега изработувал енергетски студии по нарачка на Владата.Руски Газпром, италијански Ени, германски Винтершал и француски ЕДФ треба да реализираат проект за продолжување на гасоводот Син поток до Јужна Европа преку Турција и да изградат нов гасовод Јужен поток, кој ќе ја заобиколува Турција. Јужниот поток има капацитет од околу 60 милијарди метри кубни гас годишно, а треба да проработи најдоцна до 2015 година. Вкупната инвестиција во „Јужен поток“ изнесува 25 милијарди евра. Коридорот долг 3.600 километри под Црното Море треба да ги поврзе руските извори на гас со Југоисточна Европа, независно од Украина. „Јужен поток“ се предвидува да задоволува 14% од потребите за гас на Европската Унија. К.П.