Добивај вести на Viber
Гасоводната делница од Штип до Неготино, најверојатно ќе ја гради кумановската компанија Рапид Билд, што е во конзорциум со уште неколку други компании.
Сепак, иако аукцијата за оваа гасоводна делница заврши пред три дена, од Македонски енергетски ресурси не соопштуваат официјална информација ниту за постапката ниту за победникот на аукцијата.
Според неофицијалните информации, на аукцијата учествувале само два конзорциуми. Првиот конзорциум го сочинуваат Рапид Билд заедно со Квалитет пром, (двете компании имаат сопственичка поврзаност), Чакар и Партнери, ЕЛТЕ Инжинеринг и Спектартермо, а во вториот конзорциум што учествувал на аукцијата е компанијата Енерго Систем заедно со Фабрика Карпош, Енерго техна и Гасстројмонтаж.
Последната цена што е постигната за изградба на гасоводната делница Штип –Неготино, според нашите информации, на аукцијата е 15,8 милиони евра.
Интерес за изградба на оваа гасоводна делница покажаа уште неколку други компании, но тие претходно беа дисквалификувани оти не ги исполнувале условите за учество.
Во истовреме се чека да биде закажана аукција за гасоводната делница Скопје –Гостивар.
Кои се компаниите што ќе ја градат гасоводната делница?
Конзорциумот што сега најверојатно ќе го добие бизнисот со делницата Штип-Неготино, практично се истите компании што веќе работат на изградба на делницата од Клечовце-Штип.
Рапид Билд и Квалитет пром се сопственички поврзани, односно се во сопственост на
Тони Каранфиловски, кумановски бизнисмен, кој речиси паралено со влезот во бизнисот со изградба на гасоводот ја купи и кумановската фабрика за цевки ФЗЦ 11 Октомври, која исто така се најави дека ќе биде вклучена во гасификацијата.
На овој проект, односно на делницата Клечовце –Штип работат и Чакар и Партнери, како и ЕЛТЕ Инжинеринг. Истите кои сега се во конзорциум за другата делница од Штип до Неготино.
Инаку, делницата од Клечовце до Штип се гради со пари од клириншкиот долг на Русија кон Македонија, и со помал дел пари од државниот буџет. Таму и рускиот изведувач, Стројтрансгас и домашните подизведувачи не беа избрани без тендер, туку во директна спогодба. Опозицијата го оспорува проектот затоа што се смета дека се гради за три пати повисоки цени во однос на она што го покажала физбилити студијата нарачана од владата.
СДСМ Груевски сам се издаде дека го планирал најскапиот гасовод во светот
Опозициската СДСМ смета дека изградбата на гасоводната делница од Клечовце до Неготино е прескап проект и дека власта сега тоа сама го признала.
„Важно прашање е огромната сума пари што ја влече власта на Груевски за оваа делница, што ќе ги чини граѓаните неверојатни 75.7 милиони долари! Тоа значи дека за еден километар граѓаните ќе платат плафонски 1.24 милион долари! Груевски само се издаде дека нелогично, го планирал најскапиот гасовод во светот. А кумот Ставрески го издаде кумашинот Груевски во очигледните малверзации што ги прават, велат од СДСМ.
Оттаму објаснуваат дека со изјавата на министерот за финансии Зоран Ставрески дека новата делница Неготино – Кавадарци – Битола во должина од 92 километра, би чинела половина од цената за делницата Клечовце – Штип, или 400.000 евра по километар, практично власта сама признала дека сега гасоводот од Клечовце до Неготино се гради прескапо.
„Како е можно делницата Клечовце – Штип којашто е за 30 километри пократка од делницата Неготино – Кавадарци – Битола да чини двојно повеќе? И како е можно за делницата Клечовце – Штип којашто поминува низ релативно благ терен километар да чини над 1 милион долари, а за делницата Неготионо – Кавадарци -Битола којашто е подолга и потешка за изработка поради лошиот терен, изведбата по километар да чини 400.000 евра?, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ манипулира
Според владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ опозицијата маниупулира во однос на цената, бидејќи не кажува дека гасоводот од Клечовце до Штип го гради Руската федерација по европски цени, со увезени материјали за кои се плаќа царина, данок и сите други давачки во Република Македонија кои директно влегуваат во буџетот.
„Колку за споредба треба да се каже дека ист ваков гасовод како што е кај нас гасоводот од Клечовце до Штип се движи од 700 илјади евра до милион и сто илјади од километар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека гасоводната траса од Штип - Неготино се гради со наши материјали, наша опрема и не е вклучена царина, данок и сите други давачки.
„Со оглед на динамиката и условите кои беа предложени при преговорите со Руската Федерација, тврдиме дека цената на гасоводната делница финансирана со отпис на клириншкиот долг е најоптимален и успешен проект на Владата на Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Руските цевки поставени на македонско тло
Цената на цевките, коишто за трасата Клечовце-Штип се носат од Русија, според неофицијалните информации добиени од надлежните институции изнесува 14,5 милиони долари.
Истите извори посочуваат дека се потребни уште 5 милиони долари за 8 блок станици кои што ќе бидат распоредени на делницата, а додека за останатите материјали, како и за градбата на самиот проект се наменети 40 милиони долари.
Тоа се вкупно 60-тина милиони долари, колку што практично изнесува клириншкиот долг на Русија кон Македонија, пари со кои двете земји се договорија да се гради овој проект, а во кој Македонија учествува со уште 15 милиони долари од буџетот.
Извори од македонскиот тим кои учествуваа во преговорите за решавање на клириншкиот долг на Русија кон Македонија велат дека иако македонските власти барале материјалите со кои ќе се гради гасоводната делница да бидат од земјава, сепак не успеале тоа да го издејствуваат, па затоа сега најголемиот дел од материјалите доаѓаат како увоз од Русија. Русите имаат своја фирма изведувач и подизведувач, а тие фирми, пак, избраа неколку фирми од Македонија со кои ќе соработуваат на проектот.
Р.Ф.