Геодети ќе ги селат казината, обложувалниците и автомат клубовите подалеку од училиштата во Македонија
Објавено во: Економија 18 Јули, 2025 07:50
„Фактор“ дојде до новиот Закон за игрите на среќа, кој уште не е во собраниска процедура, но може да се заклучи дека казината и автомат-клубовите со видеолотариски апарати ќе мора да се одалечат на најмалку 500 метри пат од основните и средни училишта, додека обложувалниците ќе може да останат на своите места.
Обложувалниците нема да смеат да имаат видеолотариски апарати, освен оние кои се оддалечени на половина километар од училиштата и тоа најмногу пет такви на едно уплатно-исплатно место. Растојанието ќе го мерат геодети на начин пропишан од Агенцијата за катастар на недвижнини, а на барање на приредувачите на игри на среќа.
„Деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во казино, во автомат клуб и електронски игри на среќа се отвораат на оддалеченост од најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Условот за одалеченост од ставот (2) на овој член не се однесува за отворањето на уплатно исплатните места за приредување игри на среќа во обложувалница. Во уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница, кои се наоѓаат на одалеченост до 500 метри од основни и средни училишта не смеат да се поставуваат електронски видео-лотариски терминали или терминали, компјутери за електронски игри на среќа.
Оддалеченоста од ставот на овој член претставува најкраткиот безбеден пат од основните или средните училишта до влезот на просторијата во која се приредуваат игрите на среќа, која се утврдува со геодетски елаборат за посебни намени изготвен од страна на трговец поединец овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи“, пишува во Законот.
Во предложениот акт се нагласува намерата на територијата на земјата да биде дозволено користење на само 3.000 ВЛТ терминали. Претходно лидерот од коалицијата Вреди, Изет Меџити, најави дека бројот на вакви автомати за игри на среќа ќе се намали за 4.000.
„Се ограничува вкупниот број на електронски видеолотариски терминали кои можат да бидат поставени во сите деловни простории на територијата на Република Северна Македонија, кој број изнесува не повеќе од 3.000, гледано секој месец поединечно“, напишано е во Законот.
Посебни давачки ќе има за спорт и туризам, а наместо 20 отсто, разликата од уплатата и исплатата што ќе треба да и се даде на државата како посебна давачка се зголемува на 23 отсто кај казината и автомат клубовите.
За шестгодишна лиценца за работа на казино ќе се плаќа 750.000 евра, наместо 600.000 евра и ќе се однесува само на една деловна просторија.
„За рулет маса приредувачот плаќа месечен надоместок во износ од 5.000 евра, а за други маси во казиното приредувачот плаќа месечен надоместок во износ од 2.500 евра по маса.
Лиценцата за приредување на игри на среќа во обложувалница ќе се плаќа 210.000 евра, а за автомат клуб 100.000 евра, плус за секоја просторија дополнителни 30.000 евра. Одредени усогласувања, како и носење на подзаконските акти ќе траат една година по стапувањето на сила на Законот.
Асоцијацијата на обложувалници веќе реагираше дека Законот се носи по скратена постапка , без вклучување на засегнатите страни и без јавна расправа.
„Неизвесноста, правната несигурност и постепеното затворање на легалните објекти за игри на среќа ќе создаде услови за иселување надвор од Македонија, каде илјадници вработени од овој сектор заедно со своите семејства ќе си ја бараат егзистенцијата во земји членки на ЕУ, каде ќе бидат пречекани со отворени раце, да работат во нивните објекти за игри на среќа“, реагираа од здружението и најавија можни протести.
Вицепремиерот Меџити истовремено, објавувајќи го „рестриктивниот“ закон за усвоен на влада, рече дека очекува намалување на обложувањето и коцкањето за 70 отсто. Кажа дека во моментов има 1.500 објекти за игри на среќа, а во иднина лиценца ќе се плаќа за секоја подружница посебно.
– Ова е само почеток. Од над 7.000 ВЛТ апарати со првиот удар ќе се отстранат 4.000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците, кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отвoрање обложувалници, наведе Меџити.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




