Георгиевски тврди дека Кондоминас не му се мешал во изборот на Груевски
Објавено во: Македонија 27 Октомври, 2016
Љубчо Георгиевски, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги демантира наводите на разузнавачот Богоевски дека врз изборот на Груевски за министер за трговија, а подоцна и за финансии во владата од 1998-2002 му се мешал контроверзниот грчки бизнисмен Кондоминас.
-Не знам какво било пријателството меѓу Кондоминас и Никола Груевски, немам таков впечаток од тоа време и немам некои посебни детали, меѓутоа дека Кондоминас сугерирал Никола Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е комплетен нон-сенс, тоа е толкување на еден човек кој се има комплетно искомпромитирано пред правниот систем на Република Македонија и сега сите му се криви. И повторно потенцирам дека Слободан Богоевски треба да ни го раскаже неговиот однос со Кондоминас, колку време се пријатели, каков бизнис однос имале и како дошло на крај тој да му го узурпира имотот на Кондоминас, рече Георгиевски.
Георгиевски за Радио Слободна Европа посочи и дека Кондоминас нема никава поврзаност со ОКТА, туку дека во Македонија дошол како партнер на еден од директорите на Дојче телеком.
Богоевски во интервјуто на Телма тврдеше дека Кондоминас го имал во „џеб“ Груевски бидејќи тој му овозможил да се збогати преку договорот за ОКТА, а подоцна и за монополот на Телеком.