ГЕРМАНИЈА СО БУЏЕТСКА ДУПКА – ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА МАКЕДОНИЈА
Објавено во: Колумни 02 Септември, 2025 08:15
Стручната јавност во Германија деновиве ја отвори темата за една од најголемите буџетски дупки во поновата историја на оваа држава – околу 30 милијарди евра за 2027 година. Оваа бројка е загрижувачка, бидејќи Германија не е било која држава, туку економски мотор на Европската унија. Кога моторот на Европа ќе заглави, сите вагони на Балканот ја чувствуваат тежината. И токму затоа, оваа тема е важна и за Македонија.
Во срцето на политичката расправа во Берлин се судрија два концепти: социјалдемократите, со предлогот за повисоки даноци за најбогатите, и демохристијаните, со предлогот за кратење на социјалните трошоци. Две сосема различни визии за тоа како се пополнува буџетска дупка. Едните сакаат солидарност преку даноци, другите дисциплина преку штедење.
Што мислите, кој пат да се избере?
Деновиве, во Скопје, на неколку национални телевизии, имав прилика да го слушнам проф. д-р Улрих Цајтел од Хајделберг, еден од водечките германски експерти и почесен член на највисокото економско тело на ЦДУ. Во својата анализа тој нагласува дека високите даноци и обемниот социјален буџет ја забавиле германската економија. Сепак, додава и оптимистичка нота – со повеќе од 100 нови закони донесени од владата на Мерц во првите 100 дена, Германија до крајот на 2025 година ќе се стабилизира и ќе влезе во нова фаза на раст.
Да ги погледнеме бројките. Македонија околу 45 отсто од својот вкупен извоз го насочува кон Германија. Тоа е околу 4 милијарди долари годишно. Секое намалување на германската побарувачка од само 1 отсто значи минус од 40 милиони долари во македонскиот извоз. Најзасегнат е автомобилскиот кластер – кабли, жични снопови, катализатори – што се произведуваат токму за германските фабрики.
Ајде да ги видиме сценаријата. Ако Германија воведе повисоки даноци за најбогатите, ударот врз домашната потрошувачка ќе биде минимален. Тоа значи дека нашите фабрики ќе продолжат да работат речиси без поголеми прекини. Но, ако се скрати социјалниот буџет, тогаш германската потрошувачка ќе опадне побрзо, а тоа ќе го почувствуваат и нашите извозници. Пресметките покажуваат: ако потрошувачката во Германија падне за 2 отсто, Македонија ќе загуби околу 80 милиони долари извоз во една година.
Во македонските ТИРЗ, германските компании како Kromberg & Schubert (со речиси 7.000 вработени) и Dräxlmaier (со нови 700 работни места) се меѓу најголемите работодавачи. Секој пад на нарачките во Германија директно значи ризик за нашите работници и за платите во овој сектор.
Фискалните политики на Германија имаат и монетарен ефект. Бидејќи денарот е врзан за еврото, македонската монетарна политика ја следи ЕЦБ. Ако германската влада се одлучи за кратење на социјалата и тоа доведе до дезинфлаторен притисок,ЕЦБ може побрзо да ги намали каматните стапки. Тоа пак, ќе значи олеснето задолжување и за македонските компании и државата. Обратно, ако има нови даноци без кратење на расходи, ефектот врз ЕЦБ би бил поблаг и каматните стапки би останале повисоки подолг период.
Не треба да заборавиме дека германската економија е носител на половина од нашиот извоз. Секој сигнал од Берлин директно влијае врз фабриките во ТИРЗ и врз илјадници семејства во Македонија. Затоа, кога таму се дебатира за буџетски дупки, кај нас тоа не е далечна вест, туку реалност што ја чувствуваме преку платите, инвестициите и сигурноста на работните места.
Искуството ни покажа дека македонската економија е премногу концентрирана кон еден партнер. Во 2023 година извозот кон Германија изнесуваше околу 4 милијарди долари – од вкупно 9 милијарди. Тоа е зависност од 45 отсто. Замислете што би значело ако таа побарувачка падне за 5 отсто – загуба од 200 милиони долари за една година. За мала економија како нашата, тоа е сериозен удар.Затоа, паралелно со внимателно следење на германските политики, ние мора да работиме на стратегија за диверзификација. Не станува збор за замена на Германија – тоа е невозможно – туку за ширење на пазарите: Австрија, Полска, Чешка, Италија... Ако Германија е моторот, тогаш тие се вагоните што можат да ни дадат стабилност кога моторот ќе забави.
Заклучокот е јасен: за Македонија е најдобро Германија да го најде балансот – да ја одржи социјалната стабилност, но и да ја врати фискалната дисциплина. Нашата економија е премногу поврзана за да си дозволиме луксуз да не се грижиме што се случува во Берлин. Поуката е иста како што ја кажува професор Цајтел: прво дисциплина, па раст. За Македонија тоа значи едно – време е за интелигентна диверзификација на извозот и национален консензус за економска стратегија со која ќе се намали зависноста од една економија, без да се изгубат придобивките од партнерството со најсилната европска држава.
А ние, дали ќе избереме пат на дисциплина па раст или...?
проф. д-р Синиша Наумоски,Хајделберг Факултет во Скопје и АБИТ
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





