29 Септември, 2024
0.0296

Германската економија пропаѓа?

Објавено во: Анализа 15 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Економијата на Германија губи интензитет. Во вториот квартал на 2014 година, бруто домашниот производ (БДП) е намален за 0,2% во однос на претходниот квартал, покажуваат податоците на Федералната статистичка служба (Destatis). Една од причините според германската статистика е мекото време, поради што во текот на првите три месеци од годината беше забележан повисок од вообичаеното економски раст. Според пресметките БДП на Германија се прошири за 0,7% во периодот јануари-март 2014 година во однос на растот од 0,4% во последните три месеци од минатата година. Исклучително меката зима доведе во првиот квартал до ценовен, сезонски и календарноизгладен раст на германскиот БДП од 0,7%, тврдат од Destatis. Првично статистичката служба забележа зголемување од 0,8 отсто, но подоцна податоците се ревидирани. Невообичаеното време доведе до континуирано производствена активност пред сè на германската градежна индустрија во периодот од јануари до март. Од податоците за БДП за вториот квартал, сепак се гледа дека главен притисок врз германската економија имаа надворешната трговија, иако статистичката служба не ги споменува санкциите против Русија и на Русија против ЕУ поради конфликтот во Украина, и инвестициите. Во однос на претходниот квартал порастот на извозот се забавува, додека кај увозот се бележи забрзување на темпото на раст. Формирањето на капитал, особено во градежниот сектор, значително се намалува во периодот април-јуни, најверојатно како ефект од меката зима. Домаќинствата сепак ја зголемија малку потрошувачката. Раст е забележан и кај владините трошоци. Аналитичарите, анкетирани од The Wall Street Journal, очекуваа дека БДП на Германија ќе се намали за 0,1% во првото тримесечје, но ќе се зголеми за 1,4% на годишна основа. Бавното темпо на закрепнување доведе до сериозно заостанување на еврозоната од другите развиени економии, како САД и Велика Британија. Слабиот раст продолжува да ја одржува невработеноста во европскиот монетарен блок на високо ниво, а инфлацијата - ниска. Ова го зголемува притисокот врз Европската централна банка да ја намали прогнозата за економскиот раст и да преземе повеќе активности за постигнување на целта за 2% раст на потрошувачката. K.K.