Гимназијалците Македонци во Тетово уште учат во општинска сала, во најава порадикални мерки
Објавено во: Македонија 05 Ноември, 2016
Гимназијалците Македонци во Тетово веќе трет месец учат во салата на општината.
Уште се чека да заврши реконструкцијата на објектите на старото медицинско училиште каде треба во иднина гимназијалците да држат часови.
Засега само едниот од двата објекти се реконструира. Од Советот на родители бараат општината да ја обнови и втората зграда и брзо да се реши проблемот. Ако тоа не се случи, најавуваат радикални чекори, како протести и блокирање на влезот на општинската зграда.
„Треба да вршиме притисок на тие фактори коишто презедоа таква обврска да се продолжи и понатаму со работа и на вториот објект. Инаку добро е еден објект да биде комплетиран за да може да се организира некаква настава што ќе биде сигурно подобра од оваа сега во општина, на улица, на градски плоштад“- вели Томислав Стојановски , член на Совет на родители во „Кирил Пејчиновиќ“ Тетово.
Гимназијалците новата учебна година ја почнаа со протести, со барање да им се овозможи настава да следат во централниот објект наместо како досега во простории на други установи. Заедно со општината договорено беше настава да се одржува во реновирани училници на старото медицинско училиште.