Град Скопје потрошил многу помалку на тендери во 2017-та, Аеродром ги надмина Центар и Карпош
Објавено во: Економија 18 Јули, 2018
На 10-те општини со најголема вредност на тендерите отпаѓаат повеќе од половина од парите односно околу 42 милиони евра. Од друга страна, 53 општини имаат поединечен удел во вкупната вредност на општинските тендери помал од 1 процент. Ова секако говори дека доминантен дел од општините не располагаат со пари за да можат да градат или да ги поправаат улиците, како и да работат на разни други проекти насочени кон подобрување на условите за живот на локалното население, открива Центар на граѓански комуникации.
На врвот на листата очекувано е Градот Скопје. Иако во 2017 година градот потрошил на јавни набавки 37,5% помалку отколку во 2016 година, сепак ја засилил својата доминација. Со потрошените 10 милиони евра Скопје има удел од 12,4% во вкупните пари потрошени од единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) за јавни набавки во 2017 година, наспроти 2016 година кога со потрошените 16 милиони евра, Скопје имаше удел од 11,2% од вкупната вредност на општинските тендери.
Втора на листата според вредноста на склучените договори за јавни набавки лани е скопската Општина Аеродром со потрошени 4,7 милиони евра или 5,9% од вредноста на сите општински тендери. Со ова Аеродром ги престигна скопските општини Центар и Карпош кои во 2016 година беа пред неа и го заземаа второто и третото место. Оваа промена е резултат на тоа што Аеродром имала раст во вредноста на јавните набавки во 2017 година и тоа од 4,1 милион евра во 2016 година на 4,7 милиони евра односно за 14,4%. Од друга страна, пак, најголемите падови во вредноста на тендерите ги имале Општина Центар со 76,6% односно од 13,2 милиони евра потрошени во 2016 година на 3,1 милион евра во 2017 година и Општина Карпош со пад од 73,7% односно од 10,8 милиони евра во 2016 година на 2,8 милиони евра во 2017 година. Оттука овие општини сега се на осмото и деветто место според вредноста на потрошените пари за јавни набавки.
На третото место, пак, според вредноста на тендерите во 2017 година е општина Куманово со потрошени околу 4,4 милиони евра што е за 20,7% помалку од 2016 година.
Четврта на листата, како и во 2016 година е Битола, со потрошени околу 4 милиони евра што е за дури 61,6% помалку од 2016 година. На петтото и шестото место се Тетово со 3,9 милиони евра и Гази Баба со 3,8 милиони евра за јавни набавки. Следните две места им припаѓаат на споменатите Центар и Карпош, а во првите десет се рангирани уште и општините Штип со тендери во вкупна вредност од 2,8 милиони евра и општина Велес со 2,4 милиони евра.
Ако се исклучат двете општини кои немале ниту еден договор за јавна набавка, а тоа се Ранковце и Шуто Оризари, на дното на листата според вредноста на тендерите се Зрновци и Пласница. Притоа, Зрновци во 2016 година на јавни набавки потрошила 35 илјади евра, а Пласница 21 илјада евра.
Општина Новаци на врвот на јавни набавки по жител
Споредено со бројот на жители, произлегува дека минатата година општините потрошиле по 39 евра по жител, што е намалување од 30 евра во однос на 2016 година. Според вредноста на општинските тендери во однос на бројот на жители на врвот во 2017 година е Новаци со потрошени 305 евра по жител, по што следува Македонска Каменица со 119 евра по жител. Сите останати општини потрошиле помалку од 100 евра. Покрај општините Ранковце и Шуто Оризари кои не спровеле ниту една јавна набавка во 2017 година, на дното се и уште 9 општини каде вредноста на набавките е под 10 евра по жител и тоа Сопиште, Кривогаштани, Брвеница, Врапчиште, Берово, Желино, Пласница, Боговиње и Липково.
Оваа споредба најрелевантно отсликува која општина колку пари троши преку тендери бидејќи сосема логично поголемите општини во апсолутни износи имаат поголеми буџети и според тоа повеќе пари за јавни набавки.
Базата на податоци за јавните набавки во општините е изработена според податоците превземени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.