Добивај вести на Viber
Градежните компании од регионот заеднички ќе настапуваат на трети пазари затоа што утврдиле дека на тој начин полесно можат да дојдат до крупни меѓународни зделки.
Приоритет е повторно да се освојат пазарите на кои некогаш успешно работеше балканската градежна оператива - Ирак, Либија, Алжир, Египет, како и земјите од поранешниот Советски Сојуз. Здружувањето ќе оди преку конзорциуми, со што очекуваат нивните поуди полесно да добиваат зделки на меѓународните тендери.
„Ние сме мали фирми за кои е потешко сами да настапуваат на овие пазари, затоа здружувањето е клучно, во спротивно активностите се повеќе ќе се намалуваат“, изјави Никола Велковски од Здружение на градежништво при Стопанска комора.
За носители на активностите на конзорциумот на еден пазар ќе се избираат компании кои веќе имаат искуство со работата во таа земја, а другите компании ќе се приклучат во изведувањето на работите и обезбедувањето на потребната механизација, кадар и банкарски гаранции. Приоритет ќе биде апликацијата за инфраструктурни проекти.
Во моментот, градежништвото на Балканот се соочува со серија проблеми - одлив на висококвалификувани и стручни кадри, тешкотии да се обезбедат банкарски гаранции, силна меѓународна конкуренција со посовремена механизација.