Градоначалничко-судска битка - Центар со „кривична“ против Панчевски
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2016
Општина Центар го продолжува случајот против Владимир Панчевски, претседател на Кривичниот суд, за кој сметаат дека бесправно изградил два спрата на зграда.
„Општина Центар денеска поднесе кривична пријава против три лица за вршење на градежни работи спротивни на основниот проект и дозвола добиени од општината.
Лицата В.П., С.П. и Е.Т., во текот на месеците јули, август и септември, како соизвршители – инвеститори, надградиле два ката на постоечка зграда на ул, “Никола Вапцаров“ бр. 6 со вкупна бруто површина од 551,86 м2, за кои инспекциските служби утврдиле дека се дивоградба.
На 20.10.2016 година, овластениот градежен инспектор на општина Центар утврдил дека спротивно на проектот, кој дозволува само реконструкција и адаптација на објекти, инвеститорите подигнале надградба за која немале одобрение од општината. Општината два пати ги покани инвеститорите на средба, еднаш при надзорот со писмена покана и вториот пат на 20.10.2016 телефонски, на што инвеститорите не се одзваа.
Согласно законските прописи, општината достави барање за отстранување на третиот и четвртиот кат во рок од три дена. Со надградбата, осоминчените како соизвршители сториле кривично дело „бесправно градење“ според член 244а од Кривичниот Законик“, се вели во соопштението на Општина Центар.
Случајот покрај правен, доби и политички карактер со меѓусебни обвинувања.