Добивај вести на Viber
Градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб, кој е роден во Мароко, а во Холандија бил донесен кога имал 15 години, им порачал на муслиманските имигранти кои не го ценат животот во западната цивилизација, да си заминат од тука.
Абуталеб во живо на телевизија, само по неколку часа од нападот на исламистите врз редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“ во Париз, изјавил дека муслиманите на кои не им се допаѓа слободата,може да си ги спакуваат своите торби и да си заминат, пишува „Daily mail“.
Како лабуристички политичар и поранешен новинар кој стана градоначалник на Ротердам во 2008 година, Абуталеб е познат по својот отворен став кон имигрантите.
„Неразбирливо е како може да се свртите против слободата, но доколку таа не ви се допаѓа, спакувајте го своите работи и одете си. Ако вас не ви се допаѓа овде затоа што некои карикатуристи кои не ги сакате објавуваат весници, тогаш ви порачувам веднаш да си заминете“, рекол Абуталеб обраќајки им се на муслиманите во Ротердам.
„Ова е многу глупаво и несфатливо. Одете си од Холандија доколку не можете да си го пронајдете тука своето место. Сега поради вас сите ќе се сомневаат и во добронамерните муслимани“, додал Абуталеб.
Абуталеб пораснал како син на имам во северно Мароко, но емигрирал во Холандија во 1976 година. На почетокот работел како репортер, а потоа во 2007 година станал владин државен секретар за социјални прашања и невработеност.
Кога станал градоначалник на Ротердам, втор град по големина во Холандија со повеќе од 610 илјади жители, стана првиот имигрант кој дошол на ваква позиција во земјата.
Градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, минатата недела истакна дека Абуталеб за него е херој затоа што говори отворено и директно.