Добивај вести на Viber
Компанијата ги зголеми приходите од продажба за 129 милиони денари, а оперативните расходи му пораснале за 248,6 милиони денари. Пресудна за финанскиот резултат, што е подобар од 214 година, се финансиските приходи од феноменални 175 милиони денари
Најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ остварила добивка од 219,9 милиони денари (околу 3,56 милиони евра). Од тие пари добивка од неговото оперативно работење е само 79,5 милиони денари (околу 1,3 милиони евра) , а останатиот поголем дел е добивка во која се инкорпорирани 175,8 милиони денари (2,84 милиони евра) финансиски приходи на компанијата. Податоците од билансот на успех покажуваат дека „Гранит“ лани работел послабо до 2014 година иако ги зголемил неговите приходи од продажба за 4 отсто односно 129 милиони денари до 3,16 милијарди денари.
Но истовремено со тоа му се зголемиле оперативните расходи за 248 милиони денари до износ што надминува 4 милијарди денари. Најголем раст има кај двете најголеми расходни ставки. Прво расходите за услуги со карактер на материјални трошоци растат до ниво од 1,186 милијарди денари односно за околу 126 милиони денари. И трошоците за вработените растат за речиси 100 милиони денари до износ од 790,3 милиони денари. Од бројките во билансот на успех и соодносот на приходи и на расходи се гледа дека оперативната добивка на „Гранит“ е 79,5 милиони денари што е помалку за 101 милиони денари од оперативната добивка во 2014 година.
Финансиските приходи ја изѕидаа добивката на „Гранит“
Џокер за успешната 2015 година на „Гранит“ се финансиските приходи кои изнесуваат 175,83 милиони денари и во однос на 2014 година се поголеми за 104 милиони денари. Овој износ на финансиски приходи имал пресудно влијание за добивката на „Гранит“ која изнесува 219,9 милиони денари и во споредба со 2014 година се поголеми за 32 милиони денари. Од билансите на „Гранит“ не може јасно да се види од „кој ракав е извлечен овој џокер“ односно од кој извор или извори се финансиските приходи кои доминираат во нето добивката на „Гранит“.
Од паричниот тек може јасно да се види дека „Гранит“ лани поделил дивиденда во износ 47,1 милиони денари, а платил 85,9 милиони денари за откуп на сопствени акции (за што веќе пишувавме). Во ставката 21 од извештајот за паричен тек има енормно висока промена на вредноста на податоците, но со овој квантум на расположливи информации не може да се извлече заклучок.
Ниту во билансот на состојба не може да се најде траг за резултатот на „Гранит“ освен тоа што може да се заклучи дека компанијата успеала да ги намали своите обврски спрема добавувачите за повеќе од 200 милиони денари и да ги намали своите краткорочни обврски по кредити за речиси 2 милиони евра односно околу 120 милиони денари и на крајот на 2015 година речиси и да нема обврски за краткорочни позајмици. Каква е корелацијата на намалување на тој износ со преполовувањето на сумата што е платена за камати лани во однос на преклани не може јасно да се одреди, но е сигурно дека постои.
Р.Ф.