14 Мај, 2024
0.0273

ГРИШКО: Како најавата за економска револуција стаса на депонија?

Објавено во: Економија 21 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Фотографиите кои осамнаа во дел од медиумите со илјадници фрлени балетанки на депонија во близина на Демир Хисар, производство на фабриката „Гришко“  го отвори прашањето дали и колку економската револуција на минатата власт наместо инвестиции донесе проекти осудени на пропаст?

Економските потенцијали и поволностите кои Македонија им  ги нудеше  на странските инвеститори екс премиерот Никола Груевски ги правдаше со  растот на економијата  движен од високите капитални инвестиции од Буџетот, како и извозот на фирмите – директни странски инвестиции во ТИРЗ и во индустриските зони.

Кога и како Гришко влезе во земјава?

“Македонија има добра бизнис клима. Ако пред девет години ретко кога Македонија се наоѓаше на мапата на странските инвеститори, денес нашата земја е една од најпосакуваните дестинации за бизнис во Европа и светот” –со овие зборови екс премиерот Никола Груевскиво 2013 година  ги фалеше новоотворените странски фабрики меѓу кои и руската Гришко за изработка на балетски обувки.

Тој пред четири години гордо најави дека светски реномираната руска компанија за производство на балетска опрема и друг вид спортска опрема во селото Слепче, демирхисарско, ја отвори првата фабрика за изработка на балетски обувки која ќе овозможи вработување на 80 луѓе.

Гринфилд инвестицијата беше  резултат на владиното роуд шоу во Руската федерација каде започнале првите преговори за реализација на оваа инвестиција.

Груевски посочи дека фирмата Гришко ја одбра токму Македонија за дестинација на својата нова фабрика по презентираните можности за инвестирање во земјата и помошта што ја нудат домашните институции во интерес на инвеститорот.

“ГРИШКО одлучи својата фабрика да ја лоцира овде во поранешниот селски дом во село Слепче. Денеска стоиме пред новата фабрика која првично планира да вработи околу 80 луѓе. Отворањето на нови работни места е од особено значење за развојот на овој регион. Верувам дека компанијата ќе има можност да одбере многу вредни и продуктивни работници од регјионот. Од особено значење е и фактот што компанијата планира да ангажира и лица со физичка попреченост што дополнително ја демонстрира нивната општествена одговорност  и за што би сакал искрено да им честитам”-  рече екс премиерот Груевски во март 2013 година.

Тој во владиното  соопштение  подвлече дека од особено значење е што во втората фаза од оваа инвестиција компанијата  планира да ја отвори втората фабрика во градот Демир Хисар која ќе вработува дополнителни 200 лица, а ќе биде сместена во поранешната болничка женска зграда и  треба да почне да работи кон крајот на годината.

“Со тоа ќе се заокружи една голема инвестиција за Демир Хисар, инвестиција која ќе го заживее и позитивно ќе го раздвижи регионот. Инвестиција која ќе донесе придобивки како за нововработените и нивните семејства така и за другите македонски компании од текстилната и чевларската индустрија кои ќе соработуваат со Гришко”- подвлече Груевски.

Енергија, искреност, чесност или лесен и брз профит?

Сопственикот на компанијата Николај Гришко по промоцијата на новиот бизнис во земјава рече дека  клучно за да ја донесе одлуката да инвестира во Македонија била енергијата и искреноста, како и чесноста на тогашниот премиер и неговиот тим при нивната средба во Москва во јуни 2012 година.

“Тоа беше почеток на овој проект. Ветивме дека ќе отвориме нови работни места и оваа фабрика е потврда за тоа. Од денес јас сум Македонец, жител на оваа прекрасна земја. Морам да ви признам дека корупцијата и криманалот се отсутни во земјава и не верував дека такво нешто може да постои”- рече Гришко искажувајќи особена благодарност за поддршката на владиниот тим во реализирањето на инвестицијата.

Рускиот амбасадор во Македонија Олек Николаевич Чербак тогаш  ја поздрави оваа руска инвестиција во Македонија со која, како што рече, се зголемува обемот на  руски директни инвестиции кои изнесуваат 400 милиони долари.

“Руската федерација има цел и понатаму да дава максимален придонес на односите од взаемен интерес, меѓу другото и во трговско економската и во инвеститорската сфера. За постигнување конкретни резултати сметаме дека е значајно да се зголемува конструктивната соработка и на државно ниво, како и да се одржува динамичен развој во комункацијата на бизнис заедниците на двете земји”-  посочи амбасадорот Чербак во 2013 тата година.

Препород за Демир Хисар?

Тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески оцени дека ова инвестиција значи препород на Демир Хисар и обезбедување егзистенција за стотици семејства од овој регион.

“Владата настојува да донесе инвеститори во сите региони на државата, а посебно сме задоволни што господинот Гришко реши оваа инвестиција да ја направи токму од Демир Хисар. Значи,  производството од Демир Хисар ќе се пласира во најпознатите светски пазари од Америка до Русија, Јапонија, Италија, а компанијата, која што е број еден во светот од оваа област, ќе произведува обувки овде во Демир Хисар, а ќе се продаваат во целиот свет”- рече Ставрески.

За екс министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски, кој ја водеше оваа инвестиција до целосна реализација, Гришко беше светски реномирана компанија и една од трите светски лидери во производство за балетска, чевли за сите танцови стилови, облека за фитнес јога и други слободни спортски активности која поседува пет фабрики, а производството го пласира во 70 земји во светот.

По  официјалниот дел, во знак на добредојде на компанијата Македонската опера и балет одржа концерт во Домот на културата во Демир Хисар.

Балетанки на депонија!

Дел од инвестицијата  која требаше да го заживее и позитивно да  го раздвижи регионот деновиве заврши на депонија. 

Останува отворено и прашањето дали  инвестицијата  која требаше да  донесе придобивки како за вработените и нивните семејства  и за другите македонски компании од текстилната и чевларската индустрија беше економски одржлив и исплатлив проект. Неофицијално компанијата денес работи  со загуба и дел од вработените  се пратени на принуден одмор. 

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кои се „господарите“ на рентата во Македонија за 2023?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кои се „господарите“ на рентата во Македонија за 2023?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој направи преку 30 милиони евра добивка од изградба на станови лани?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој направи преку 30 милиони евра добивка од изградба на станови лани?

КИНА ЈА ЗАБРЗУВА ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ СЕКТОР - придобивки за компаниите и намалени трошоци

КИНА ЈА ЗАБРЗУВА ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ СЕКТОР - придобивки за компаниите и намалени трошоци

„ЦРВЕНОТО ЗЛАТО“ РЕЧИСИ КАКО ЖОЛТОТО: Цената на малините руши рекорди, ниту кајсиите не се многу подобри

„ЦРВЕНОТО ЗЛАТО“ РЕЧИСИ КАКО ЖОЛТОТО: Цената на малините руши рекорди, ниту кајсиите не се многу подобри

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

ДАЛИ ЕВРОПА Е ПРЕМНОГУ ЗАВИСНА ОД ЕДНА КОМПАНИЈА? Еве колкава моќ има таа

ДАЛИ ЕВРОПА Е ПРЕМНОГУ ЗАВИСНА ОД ЕДНА КОМПАНИЈА? Еве колкава моќ има таа

СУДБОНОСНА ОДЛУКА НА ВАШИНГТОН: Денеска започнува големиот конфликт меѓу САД и Кина, како ова ќе се одрази на светот?!

СУДБОНОСНА ОДЛУКА НА ВАШИНГТОН: Денеска започнува големиот конфликт меѓу САД и Кина, како ова ќе се одрази на светот?!

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција