ГРЦИЈА ПОПУШТА: За две недели Идомени ќе биде празен-каде ќе ги носат бегалците?
Објавено во: Балкан 11 Март, 2016
За една - две недели бегалците кои се наоѓаат во Идомени, недалеку од грчко-македонската граница, доброволно ќе го напуштат ова место и ќе бидат сместени во некои од приемните центри.
Ова го изјави портпаролот на Координативниот центар за справување со бегалската криза Јоргос Кирицис, пренесоа агенциите.
Според него, полицијата нема да употреби сила за нивно присилно преместување, а ќе ги информира за затворањето на „Балканскиот пат“ за мигрантите дека не можат да ја преминат северната граница и дека за тоа ќе биде потребно извесно време.
„Веруваме дека за една - две недели Идомени ќе биде испразнет“, рече уште Кирицис и прецизира дека во моментов таму има околу 12 000 лица, од кои половината се жени и деца.
Ќе ги повикаме да се качат во автобусите за да ги носиме на места со подобри услови за живот, појасни Јоргос Кирицис.
Според него преместувањето на мигрантите ќе биде поврзано со договорот на ЕУ со Турција во врска со реадмисијата на мигрантите кои се наоѓаат на грчка земја.