Груевски со честитки до Трамп - Уверен дека пријателството ќе продолжи
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2016
Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за иден мандатар за влада, му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД со порака да продолжи заедничкото пријателство меѓу двете земји со надеж дека ќе се забрза зачленувањето во НАТО.
- Вам и на народот на САД ви ја честитам победата на претседателските избори. Принципот на почитување на волјата на народот е врв на демократијата, тоа e победа на правото на слободната волја на сите граѓани.
Вашето претседателствување повлекува огромна чест и одговорност да се биде предводник во битката за градење на подобар свет, за возобновување и подобрување на општеството. Во таа насока ви посакувам многу среќа и успех.
Во овој свечен момент сакам да го истакнам задоволството од развојот на односите и соработката меѓу Република Македонија и САД и воедно да ја искажам нашата подготвеност за нивно натамошно унапредување и интензивирање во сите области од заеднички интерес.
Членството во НАТО претставува наш приоритет и темелна заложба при што особено ни е значајна поддршката од САД како наш стратешки пријател.
Уверен сум дека пријателството и разбирањето во односите меѓу нашите две земји ќе продолжи да се негува и дополнително развива, честиташе Груевски.