Групата „Макпетрол“ ја порази короната! Сеопфатната добивка е 6,4 милиони евра
Објавено во: Економија 29 Март, 2021
И покрај бројните негативни влијанија на корона кризата врз економија и особено врз мобилноста, групата „Макпетрол“ книжи вкупна сеопфатна добивка од 6,4 милиони евра, а сите четири компании на групата што се во дејноста поврзана со енергенси бележат добивки!
Групата „Макпетрол“ минатата година ја заврши со нето добивка од 5,7 милиони евра што е сосема пристоен финансиски резултат остварен во услови на бројните ограничувања кои ги предизвика здравствената пандемија. Официјалните податоци на „Макпетрол“ покажуваат дека фирмата мајка АД „Макпетрол“ и уште три од четирите придружени друштва имаат добивка во работењето. Во споредба со претходната година, сепак заради негативните влијанија на корона кризата, нето добивката на ниво на група е намалена за 60 отсто.
Најголем профит, очекувано лани, има остварено АД „Макпетрол“ и тој изнесува 5,67 милиони евра. Најголема добивка од друштвата ќерки има „Макпетрол Пром-Гас“ ДООЕЛ и таа изнесува 241.000 евра. Со добивка лани завршиле и друштвата „Петрол МАК Солун“ и „Макпетрол ДОО Белград“. Со загуба годината ја завршила националната телевизија „Телма“.
Финансиските податоци, достапни во многу содржајното образложение, кое групата го објави на информативниот сервис СЕИ НЕТ покажуваат дека клучен за падот на приходите е вториот квартал во кој всушност и имаше најмногубројни рестриктивно мерки, полициски час, карантин и забрани за движење кои значајно се одразија на работењето на компанијата. Само за споредба добивката на друштвото во периодот април-јуни лани (кога имаше бројни ограничувања и карантин) изнесувала околу 945.000 евра, а во истиот период 2019 година била 3,9 милиони евра.
Вкупните приходи од продажба на групата лани изнесувале 271,9 милиони евра и тие се за 26 отсто пониски од претходната споредбена година. Приходите на домашниот пазар изнесуваат 266,7 милиони евра и тие се за 23 отсто пониски од претходната година. Пад има и кај останатите приходи на друштвото кои лани изнесувале 1,75 милиони евра.
Вкупните оперативни расходи на групата изнесуваат 270 милиони евра, а најголема трошковна ставка како и секогаш се набавките за трговски стоки кои лани биле 230 милиони евра. Тоа е за 28 отсто помалку од 2019 година. За истакнување е тоа што во корона услови и рестрикции групата продолжила да се грижи за своите вработени и ги зголемила трошоците за нив. Тие лани изнесуваат 19,6 милиони евра и се за 7 отсто повисоки од претходната споредбена година.
Во соодносот на финансиски приходи и финансиски расходи „Макпетрол“ е добар за 684.000 евра за колку што неговите финансиски приходи се повисоки од финансиските расходи.
Сеопфатната добивка лани изнесува 6,4 милиони евра. Во неа пресметаната капитална добивка (разлика меѓу актуелна пазарна и куповна цена) на акциите што ги поседува групата придонесува со 700.000 евра.
„Макпетрол“ е една од најуспешните домашни компании чии акции котираат на берзата. Пазарната цена на акцијата е повисока од 70.000 денари, а лани друштвото исплати дивиденда од 2.000 денари бруто за секоја акција со право на глас (освена акциите што се во сопствен откуп).
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.