Хаг го одби барањето за жалба на Караџиќ
Објавено во: Балкан 04 Април, 2019
Хаг го одби барањето на поранешниот претседател на босанските Срби, Радован Караџиќ да му биде овозожено да поднесе жалба на должината на доживотниот затвор.
Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) минатиот месец му ја одреди казната на Караџиќ поради геноцид и други злосторства извршени во БиХ.
„Не постои правна основа во Статутот или правилата на Механизмот врз основа на кои Караџиќ може да се жали на правосилната пресуда или на дел од неа“ – се наведува во одлуката на Механизмот.
Кон крајот на март, Караџиќ поднесе поднесок кон ММКТ во кој наведе дека смета оти Механизмот направил грешка кога му одредил доживотна казна затвор затоа што не водел сметка за „практиките на судовите во поранешна Југославија“ и со тоа му ги прекршил човековите права, исто така наведе дека Советот на Механизмот не дал образложение за неговата одлука да ја зголеми казната од 40 години на доживотна.
Радован Караџиќ на 20 март беше правосилно осуден за воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.
За време на војната БиХ беа убиени околу 100.000 луѓе.