ХАОС СО БРЗИТЕ ТЕСТОВИ ЗА КОВИД: Во Неуромедика почнуваат од денеска по цена од 1.850, во Поликлиниката Ѓорче Петров ќе се прават до петок бесплатно
Објавено во: Македонија 03 Ноември, 2020
Брзите тестови за
ковид направија вистински хаос во земјава. Беа помпезно најавувани од
здравствените власти повеќе од еден месец. Концептот беше многу едноставен и во
насока на огромен бенефит за граѓаните. Секој кој се сомнева дека можеби е
заразен со вирусот, без претходна консултација со матичен лекар и за само 1.000
денари да направи тестирање и резултатот да го добие за 15 до 20 минути. Првите
4.000 брзи теста ги набави Здравствен дом-Скопје од реномираната компанија Аbott,
и на неполни 12 часа пред стартот на тестирањата, министерот за здравство Венко
Филипче, најави донација од 13.000 брзи теста по што реакциите на јавноста
експлодираа.
-Зошто ако има донација, подарок, ние да плаќаме...каде ќе може бесплатно да се тестираме..., не закажуваме во Ѓорче Петров, ќе чекаме да видиме на кој пунк ќе се прават бесплатно...., ова се само дел од реакциите на граѓаните, кои по низа информации останаа целосно збунети, дали да си закажат тестирање за 1.000 денари, или пак ќе успеат некаде бесплатно да се истестираат.
За да повеќе нема дилеми, во Поликлиниката Ѓорче Петров тестирањата со брзите тестови ќе се прават до петок, односно сите граѓани кои успеале да си закажат, бесплатно ќе бидат тестирани. Оние пак кои вчера беа тестирани, 49 грaѓани, ќе бидат повикани и ќе им бидат вратени парите. Но, најверојатно, тестирањето со брзи тестови во Поликлиниката Ѓорче Петров ќе заврши во петок, а речиси извесно е дека преостанатите 3.800 теста ќе бидат вратени на компанијата Abott.
Инаку, донацијата од 13.000 брзи тестови првично е наменета за дистрибуција во болниците каде се лекуваат пациенти од корона вирусот. Од министерството за здравство веќе најавија дека ќе бидат распоредени низ 13 те болници во државата: во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Болницата 8 Септември, Институт за белодробни заболувања кај децата - Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат како би се утврдило дали суспектните пациенти се позитивни на ковид-19.
И по оваа информација, Скопјани револтитрано прашуваат: Зошто од оваа донација нема по другите пунктови на Центарот за јавно здравје или пак во Институтот за јавно здравје, онаму каде што всушност се прави ПЦР-тест.
-Оваа работа е повеќе од збунувачка. Донацијата ќе биде само во болниците за пациенти кои доаѓаат и кои треба да бидат хоспитализирани, а ние граѓаните повторно ќе немаме никаков бенефит од брзите тестови. Повторно ќе треба да ги користиме приватните лаборатории каде цената на ПЦР-тестовите е огромна, бидејќи во алгоритмот за тестирање, преку матичните лекари не влегуваме никако. Од сето ова излегува дека треба да злоупотребуваме и да кажуваме невистини, во смисла: да имав контакт со заразен, имам висока температура над 39, така ли треба да постапуваме. Ова е вистински хаос, вели Мирко Л. од Скопје.
Истовремено, пак, од денеска во приватната поликлиника Неуромедика во Скопје почнува тестирањето со брзите тестови.
-Јас сакав да закажам за во текот на неделава, кога има слободен термин. Се јавив на телефонскиот број 3133-313, но ми рекоа дека почнуваат токму од 3.ноември, па закажувањето ќе го направам утре. Инаку, ми рекоа дека секој од граѓаните може да си закаже, не е само за пациенти, а цената е 1.850 денари, вели Марија А. од Скопје, која по контакт со заразен од пред неколку дена, сака да ја забрза процедурата и да направи брз тест.
Во меѓувреме, односно, синоќа, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, министерот Филипче уште еднаш потсети дека е зголемен бројот на тестирањата со ПЦР-тестови, нагласувајќи:
-Во лабораторијата во Институтот за јавно здравје сега се прават близу 2000. Значи, капацитетот е зголемен за 10 пати. Свесни за притисокот од претходниот период, од минатата недела се прават за неколку стотици тестови повеќе во најглавните лаборатории, во оние во коишто има најголем притисок - Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, дополнително и лабораторијата на Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле која се акредитираше за тестирање за ковид-19, рече министерот Филипче.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.