ХОДОРКОВСКИ ДО ЗАПАДОТ: Не ја признавајте победата на Путин
Објавено во: Свет 18 Март, 2024
Рускиот опозициски лидер Mихаил Ходорковски го повика Западот да не ја признае изборната победа на рускиот претседател Владимир Путин.
Поранешниот олигарх изјави дека различните опозициски струи се согласуваат за „суштинските прашања“, а тоа е дека „повеќе не го сакаат Путин на власт и дека сакаат фер и транспарентни избори“.
Тој денеска ги повика западните влади да не ја признаваат победата на Путин на изборите, додавајќи дека опозицијата е обединета против него.
„Сега станува збор за конечно јавно прогласување на нелегитимноста на Путин. Очекуваме многу од западното општество. Бараме да се обратат до владите за да побараат од нив да не го признаваат легитимитетот на Путин“, изјави Ходорковски во Берлин.
Ходорковски помина десет години во затвор откако му се спротивстави на Путин на почетокот на 2000 година. Од неговото ослободување во 2013 година, тој е во Лондон.
Во неделата, Ходорковски се сретна со Јулија Навални, сопругата на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во руски затвор во февруари годинава. Тие се сретнаа пред руската амбасада во Берлин каде Јулија Навални гласаше.
Неколку светски лидери му честитаа на Путин за победата на претседателските избори во Русија, а некои одбија. Германскиот канцелар Олаф Шолц нема да му честита, бидејќи изборите не ги смета за слободни или фер.
Групата на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент денеска ги повика министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел да се изјаснат дека Владимир Путин повеќе не е претседател на Русија.
Путин на претседателските избори освои 87,28 отсто од гласовите или 76 милиони гласови.