ХОТЕЛ ВО КРУШЕВО, ФАБРИКА ЗА ВЕЛОСИПЕДИ ВО КУМАНОВО - Некогаш големи деловни објекти, сега зјаат празни, еве што продаваат домашните банки
Објавено во: Економија 11 Јануари, 2024
Некогаш важел за големо свртилиште и бил посетуван со гости од разни земји, но денес или веќе десетина години зјае празен и го чека својот нов газда. Хотелот Илинден во Крушево е еден од многуте објекти кои се продаваат од страна на комерцијалните банки во земјава.
Овој објект е огласен на продажба од страна на „Силк Роуд Банка“, кои оваа планинско одморалиште лоцирано надвор од градската средина го нудат како голем потенцијал за инвестиции и привлекување посетители кои ги сакаат зимските спортови.
- Хотелот е сместен во југозападна Македонија, на 1350 метри надморска височина, на 155 километри од Скопје. Хотелот се наоѓа на периферијата на градот Крушево, опкружен со шуми богати со кислород и во непосредна близина на ски центарот. Хотелот и неговата околина нудат широк спектар на можности за рекреација - скијање, планинарење, планински велосипедизам, лов и риболов, како и идеална клима и услови за параглајдерство – пишува во постот кој стои на веб страната на „Силк Роуд Банка“.
Почетната површина на хотелот била 2.400 метри квадратни, а подоцна се изградени уште 2.164 метри квардатни. Тој располага со 47 единици, апартмани, студија и двокреветни соби и 9 големи двокатни апартмани на последниот кат. Воедно во објавата, банкарите посочуваат дека хотелот е реконструиран во 2017 година, и дека првичната градба е уште од 1949 година и има панорамски поглед на шумата, Крушевската котлина и планините.
Дали овој голем објект повторно ќе заживее останува да видиме. Но, прегледот на имотот кој банките го нудат на продажба покажува дека има објекти кои со години се нудат од банките, и кои ги исчекуваат новите сопственици.
Друг голем објект кој се нуди преку банките е зградата на некогашниот градежен гигант „Бетон“. Овој објект го продава НЛБ Банка, по цена од скоро пет милиони евра.
- Во извршна постапка се продава недвижност во Скопје, Управна зграда Бетон, на ул. М.П.Јорданов бр.32 А. Недвижноста се наоѓа веднаш зад Министерство за Економија.
Моменталната вредност за недвижноста изнесува 4.952.967 Евра. Во рамки на недвижноста се наоѓаат подвижни предмети, машини и опрема – канцелариски мебел и систем за видео надзор, систем за заштита од провала и кражба, систем за заштита од пожар, лифтови, комплет систем за греење и ладење – климатизација и вентилација, со моментална вредност од 318.963 евра – пишува во објавата на НЛБ Банка.
Покрај овие два големи објекти, низ нашите комерцијални банки има голем број деловни објекти кои се продаваат, кои со години стојат празни и го чекаат новиот сопственик. Деловните објекти се потешки за продажба, бидејќи се градени со конкретна намена па е потешко да се пренаменат за користење за други цели.
Така на пример, Шпаркасе банка продава млекара во Тетово, изградена во 2003 година, која имала и доградба во 2006 година.
- Деловна зграда-млекара во село Палатница, Тетовско, на излезот кон цело Озормиште, со вкупна површина од 745 метри квадратни и дворно место со површина од 2.350 метри квадратни и нива со површина од 2.713 метри квадратни. Година на градба: 2003 и дел во 2006 година – стои во објавата на Шпаркасе банка.
Уште еден голем објект кој се продава е некогашна фабрика за производство на велосипеди. Станува збор за недвижен имот лоциран во Куманово, во тамошната наслеба Карпош, во близина на регионалниот пат Куманово – Крива Паланка.
- Пристапот до објектот и за моторни возила и за пешаци е од локална сообраќајница. Фукционалната намена на објектот е производство на велосипеди, администрација и магацини. Објектот е составен од подрум, приземје, кат 1 и кат 2. Овој објект е лепенка со стариот објект и внатрешно се поврзани и взаемно функционални. Во објектот има пристап преку два посебни влеза на приземјето и влез во подрумскиот дел. Околу објектот има изработено заштитни бетонски тротоари и по целата површина тротоарите се поплочени со бекатон. Дворното место е со површина од 24 метри квадратни, земјиште под зграда е 222 метри квадратни и дворното место со површина од 356 метри квадратни, земјиште под зграда е 1237 метри квадратни. Моменталната продажна цена на објектот изнесува 1.177.431 евра. Во склоп на имотот се продаваат и машини, опрема и залихи согласно спецификација чија моментална вкупна продажна цена изнесува 126.956 евра. Вкупната моментална продажна цена на објектот и на опремата изнесува 1.304.387 евра – се посочува во објавата.
Но, тоа не е се, напротив, на листите на недвижнини кои се нудат на продажба преку извршители, или директно од банките има голем број имоти, од кои дел се деловни објеки, а има и станбени објекти. Меѓу нив има недовршени и целосно комплетирани објекти. Има имоти во самиот центар на Скопје, но сепак, долг период стојат на огласите на банките. Деловните објекти понекогаш остануваат подолг период непродадени, особено оние кои имаат конкретна намена.
П.О.
Фото: Принтскрин/СилкРоуд Банка
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.