29 Септември, 2024
0.1097

„Хотели Метропол“ ги зголеми приходите за 800.000 евра за три месеци!

Објавено во: Анализа 19 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Во споредба со првите шест месеци лани компанијата има раст на приходите од 22 отсто, а на полугодие има добивка од 5,5 милиони денари Најголемата охридска хотелиерска компанија „Хотели Метропол“ во вториот квартал ги зголеми приходите за 49,24 милиони денари ( 799.350 евра) во споредба со првите три месеци годинава, покажува неревидираниот биланс што компанијата го објави на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Според достапните податоци во првиот квартал годинава приходите на хотелите изнесувале 9 милиони денари, а на крајот на јуни тие достигнале 58,24 милиони.Споредбата на податоците покажува дека „Хотели Метропол“ имаат значајно подобри резултати и во споредба со првото полугодие лани. Имено годинава нивните приходи од продажба се за 22 отсто повисоки од истиот период лани. Годинава продажбите достигнале 58,24 милиони денари, а истиот период лани биле 48,4 милиони денари. Овие резултати укажуваат на поголема исполнетост на капацитетите на охридските хотели на компанијата „Метропол“. Тоа значи дека во претсезона менаџментот успеал да привлече повеќе гости и да ги зголеми приходите од продажба. На страната на расходите речиси и да нема разлика во споредба со истиот период лани. Годинава оперативните расходи изнесуваат 53,7 милиони денари, а лани вкупниот износ на трошоци од работењето бил 53,44 милиони денари. На расходната страна има драстичен раст на трошоците во ставката „услуги со карактер на материјални трошоци“ –растот изнесува 283 отсто, а во пари 5,36 милиони денари. Благ раст има и на трошоците за вработени од 4 отсто што е зголемување од безмалку еден милион денари. Компанијата полугодието го завршила со добивка од 5,5 милиони денари. Лани истиот период компанијата била во загуба од 5,1 милиони денари. За разлика од лани сега е многу подобро тоа што шпицот на сезоната „Хотели Метропол“ го чека со добивка. Ако се знае дека во принцип втората половина од годината секогаш е подобра од првата тогаш би требало да се очекува подобра година во споредба со 2013 година.
Споредбата покажува дека профитната маргина на „Метропол“ ( сооднос на добивка и приходи од продажба) е безмалку 10 отсто што е резултат што е повеќе од солиден ако се спореди со профитите на другите компании кои ги објавија своите резултати на Македонската берза. „Хотели Метропол“ ги има во свој состав хотелите: Белви, Метропол и Турист , сите со категоризација од четири ѕвезди. Најголем акционер во оваа компанија е „Фершпед“ со посед на 73,5 отсто од акциите со право на глас. Р.Ф.