Добивај вести на Viber
Хрватското Министерство за здравство од сите болници кои имаат гинеколошки оддел ќе побара задолжително да им овозможат на пациентките изведување на абортуси.
Ваквата мерка доаѓа откако хрватските медиуми објавија дека неколку болници одбиваат да изведуваат абортуси по барање на пациентките.
Министерството бара од болниците да изработат стандардизирана процедура од моментот кога едно лице ќе побара постапка до нејзиниот отпуст од болницата и заедно со цената услугата да ја објави на своите интернет страници.
„Сите болници во Мрежата на јавни здравствени служби кои извршуваат гинеколошка дејност се должни да обезбедат услуга за прекин на бременоста, а за организацијата на овозможувањето на оваа услуга е заслужен директорот“, истакнаа од Министерството за здравство, повикувајќи ги жените да ги пријават оние болници кои ќе го прекршат овој процес.
Ако во некој момент оваа услуга не можат да ја обезбедат со вработените во болницата, директорите се должни да ангажираат специјалисти по гинекологија од надвор, што може да се реализира и преку спогодба со друга здравствена установа.
По пријавите од пациенти, хрватското Министерство за здравство утврди дека од 27 болници, пет не извршуваат абортуси затоа што лекарите во нив се повикуваат на „приговор на совест“. Според членот 20 од хрватскиот Закон за лекарска служба, лекарот има право заради своите етички, верски или морални начела и уверувања да се повика на приговор на совест и да одбие спроведување на дијагностика, лекување или рехабилитација на пациент, доколку тоа не се коси со правилата на професијата и ако со тоа не предизвикува трајни последици за здравјето и животот на пациентите.
Министерството сега бара при склучувањето на договори со лекарите од нив да се бара писмена изјава во која тие ќе наведат дали ќе се повикуваат на приговор на совест.