Иако во Македонија се бара готвач повеќе, интересот на младите за оваа професија е слаб
Објавено во: Економија 22 Декември, 2021 07:29
Готвачите се барани на пазарот на труд во Македонија, а посебно недостиг има во Охрид и Струга.
Од средните училишта каде се нуди образование за готвачи, велат дека интересот е намален последниве години, иако младите веднаш по завршувањето на училиштето можат да најдат работа. Од СОУ„Наум Наумовски Борче“ од Крушево објаснуваат дека веќе десетина години интересот за запишување во оваа струка е намален, но не знаат кои се причините.
„Младите уште додека одат на пракса можат да си го резервираат своето работно место, да си најдат работа. Готвачи се бараат, но интересот е слаб, и во дилема сме зошто е тоа така“, вели Снежана Миленковска, директорка на СОУ„Наум Наумовски Борче“ во Крушево.
Од СОУ„Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија објаснуваат дека откако почна корона кризата се намалил бројот на запишани ученици, а претходно имало солиден број. Велат дека поради новите околности кои ги наметна пандемијата, и рестрикциите во угостителските објекти, интересот за образование за готвачи е намален.
„Професијата е ценета и барана, но дојде до едно разочарување кај младите и кај родителите. Видовме дека некои сектори се „осакатени“ од пандемијата. Инаку, во Гевгелија се бара готвач повеќе во хотелите, рестораните, бањите“, додаваат од СОУ„Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.
Од СОУ„Ѓорче Петров“ во Крива Паланка велат дека се трудат максимално да ја промовираат оваа струка и да привлечат што повеќе ученици.
„Ако гледаме оптимистички низ бројки, ние во однос на лани го дуплиравме бројот на ученици, но има простор таа бројка да расте и да работиме уште на подобрување. Имаме дуална паралелка, имаме соработка со компании за пракса. Струката е атрактивна, и убаво е младите по завршувањето да работат она за што се школувале, да не биде да заминат во друга струка“, изјави директорката Габриела Стаменковска.
Таа додава дека во околината на Крива Паланка има неколку ресторани и рибници каде младите готвачи можат да најдат работа.
Во Охрид и Струга, но и во други градови во земјава фалат готвачи затоа што многумина заминале во Хрватска, поради повисоки плати. Според огласите кои можат да се најдат на интернет, готвачите во Хрватска добиваат плата околу 1.200 евра. Овој проблем со недостиг на работна сила се актуелизираше последниве години.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра




